logo
logo
logo

Ѓорѓиевски им додели признанија на Станишев, Стефановски и Гиноска за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на град Скопје за 2025 година

Vecer | 29.12.2025

Ѓорѓиевски им додели признанија на Станишев, Стефановски и Гиноска за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на град Скопје за 2025 година

Денес, со особена чест и гордост, свечено ги доделив признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на град Скопје за 2025 година. Овие признанија им припаѓаат на исклучителни и докажани луѓе во своите професии, посветени, одговорни и хумани личности, избрани од своите колеги, објави на социјалната мрежа на Фејсбук градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Нивната работа и пожртвуваност се вистинска мисија во служба на граѓаните и градот.

Тие се пример дека храброста, чесноста и човечноста секогаш го наоѓаат својот пат.

За најдобар пожарникар за 2025 година е прогласен Игор Станишев, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Човек кој учествувал во гаснење на бројни пожари и интервенции за заштита и намалување на материјалните штети, а пред сè човек чија храброст и пожртвуваност резултирале со спасување на голем број човечки животи.

Признанието за најдобар полицаец за 2025 година му припадна на Кристијан Стефановски од ПС Карпош.

Предложен од СВР Скопје – ЕПСОНРС, Кристијан е препознаен поради својата исклучителна посветеност, професионализам и значаен придонес во остварувањето на бројни работни активности и постигнувањето конкретни резултати во полициската работа.

За најдобар крводарител е прогласена Виолета Гиноска, предложена од Црвениот крст.

Таа е симбол на тивка, но моќна хуманост, жена чија безрезервна желба да помогне и да спаси нечии животи претставува вистински пример за алтруизам и човекољубие.

Со повеќе од 45 дарувања на крв, на свои 54 години, таа заслужено се вбројува меѓу најпосветените и најистакнати крводарители.

Од срце им благодарам на овие херои.

Тие се доказ дека вистинските вредности живеат меѓу нас и дека секој чин на храброст, пожртвуваност и хуманост го прави Скопје посилно и похумано место за живеење.

Нека нивниот пример биде поттик и инспирација за сите нас, да бидеме подобри луѓе и да градиме град заснован на солидарност, одговорност и меѓусебна почит, пишува во својата објава Ѓорѓиевски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk