logo
logo
logo

Д.П. Латас

Ќе гласаш за Дубаи и Швицарска, или за Македонија?

Vecer | 28.09.2025

Ќе гласаш за Дубаи и Швицарска, или за Македонија?

Да почнам одозгора, па надоле, од Бога кон овоземното и приземното.

На 11 ноември во 2012 година е поставен камен темелник на новиот голем храм на Македонската православна црква ОА, Свети Константин и Елена во Скопје. Денес, на 28 септември 2025 година осветен е храмот, по својата оригинална архитектура и православна симболика - единствен во регионот.

Кон белегот на нацијата, кон моралот и етиката на македонската нација, и кон Бога вратен е голем долг, и поставен голем влог за идните времиња. Почнат под власт на ВМРО ДПМНЕ, завршен под нивно владеење.

На 22 февруари 2014 година поставен е камен темелник на автопатот Кичево Охрид. Летото во 2015 започна градба на експресниот пат од Градско до Прилеп, истата година почна градба и на новата зграда на факултетот ФИНКИ, студентски кампус и Ректоратот. На 3 март 2016 година поставен е камен темелник на нова Клиничка болница во Штип...

И, да не редам колку камен темелници се поставени на битни државни инвестиции: од болници, до патишта, универзитети и школи, градинки, слободни економски зони... ќе ни отиде денот во набројување.

Сето тоа, видно од датумите се само дел од објекти со најголемо значење за државата, кои се поставени од влада предводена од ВМРО ДПМНЕ. Седум години по заминувањето на таа влада ниту еден од наведените, а ни десетици други слични, не е завршен во време на владата предводена од СДСМ.

За автопатот Кичево Скопје СДСМ и ДУИ ја зголемија цената и трошоците за 320 милиони евра, ја дуплираа почетната цена, и автопат – нема. За експресниот пат Градско до Прилеп потрошени над 70 милиони евра во време на владата на СДСМ и ДУИ, патот за седум години не е завршен. “Шарените“ сателити на СДСМ и ДУИ во декември 2015-та протестираа против изградбата на факултетот ФИНКИ и Ректоратот затоа што за нивна градба се отстранети 46 дрва... Не требало да се гради, тие 46 дрва дрвата биле клучно важни за екологијата.

Клиничката болница во Штип, за седум години власт на СДСМ и ДУИ не заврши ни во фаза на затворена карабина. На крај министерот Филипче и премиерот Зоран Заев им исплатија и штета од пет милиони евра на грчката фирма која потоа отиде во стечај. До ден денес никој не знае, освен Филипче, Заев и Гркот, за што се платени милионите а градбата не е завршена? Источна Македонија помина Ковид епидемија без Клиничка болница. Бројот на жртви поради необезбедени вакцини и, плус, немање очекувана Клиничка болница во Штип се уште не е утврден. Судењето за жртвите во Онкологија е лајт скандал за ова.

На 3 јуни 2011 година, во време кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски а власта во државата предводена од ВМРО ДПМНЕ, почна градбата на Градска куќа, голем репрезентативен објект со сите содржини на кој се чекаше скоро 50 години, од кога градската администрација сосе Матично работи во бараките кај парк.

Во ноември 2019-та тогашниот градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов, ја продаде Градската Куќа на ЕВН за 12,5 милиони евра на ЕВН со најава дека парите ќе се трошат за нов објект. Скопје остана во бараки, а единствени објекти кои Петре Шилегов ги отвори се автобуска станица во ГТЦ која наскоро потоа беше затворена, поставување трева од цирка 500 метри квадратни на плоштад Македонија платени 500.000 евра, или 1.000 евра по квадрат, и куќата за пингвини во Зоолошка градина за која градот плати 300.000 евра, или, според тогашни цени, колку за куќа за живеење со комплетна опрема од 300 квадрати!!!

Последната година на власт во Скопје Петре Шилегов ја заврши со загуба, или дефицит, во градската каса од 18 милиони евра или 25 % од буџетот на гардот. Плус 12,5 милиони евра од Градската куќа кои изсчезнаа.

Дали треба да спомнувам и други факти? Поништување на проектот за градба на нов Клинички центар Мајка Тереза во Скопје кој, наместо да почне да се гради, министерот Венко Филипче од владата на СДСМ и ДУИ го раскина договорот, а Филипче ја оштети државата со долг кон италијанската фирма Инсо за раскинувањето.

Проектот на ВМРО ДПМНЕ за комплетен нов Клинички центар во Скопје беше 72 милиони евра. СДСМ го укина, и најави свој проект за 500 милиони евра. Без факти зошто е осум пати (800%) поскап. Ни цигла нема од нивниот проект. Како ни од сите други нивни “проекти“ заклучно со фабриката за електрични автомобили во Тетово и автопатот до Албанија за кој државата плати 250 милиони евра, а никогаш не е ни започнат.

Тогашниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев изјави дека се испазариле наместо 8,5 милиони евра плус камата на Инсо да му се плати 5 милиони евра за раскинувањето на договорот за нов Клинички центар Мајка Тереза, а Венко Филипче со години не даваше одговор што и колку е платено.

Ден Дончев избега од Фондот за здравство и од Македонија откако беше снимен како пакува голем куп кеш пари во торба, а Венко Филипче тргна да бара посредник во Сингапур на кој ќе му се платат пет милиони долари провизија за набавка на вакцини од Кина за кои Заев тврдеше дека од “диктаторските“ Кина и Русија никогаш нема да купи вакцини, договорил од набавка од “демократскиот“ свет.

Вакцини не видовме, ни “диктаторски“ ни “демократски“ на време, кога сите веќе ги имаа и спасуваа животи, ама го видовме договорот за провизија и објавата од Кина дека тие не продаваат вакцини преку посредници. За таа корупција со вакцините на Заев и Филипче , до ден денес, нема ни истрага ни бутур. Без вакцини умираа луѓе... колку луѓе? Многу, премногу не дочекаа вакцини туку дочека помени и парастоси.

За Универзална сала нема да зборам... тури и пепел на таа работа. Буквално.

Е па, сите проекти кои минатата влада на ВМРО ДПМНЕ ги започна, од прво спомнатиот – автопатот Кичево Охрид, па се до последниот – Универзална сала Скопје, сега ВМРО ги довршува после седум година “хибернација“. Седум години за кои владата на СДСМ и ДУИ потроши над 20 милијарди евра !!!

И сега дојдовме до нови избори. Локални. Не гледам во што е изборот откако ќе го видам сето ова околу себе. За четири години градоначалници во 50 општини од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата немале ниту еден коруптивен скандал, што за Македонија, полудена од корупција во седумте загубени години под СДСМ и ДУИ е неверојатна состојба. Најтешката болка на општеството се повлекува.

Единствените скандали, од корупција до губење здрав разум и измами ги видовме кај Данела Арсовска, предложена како непартиски кандидат за функцијата од ВМРО ДПМНЕ но, после година дена, Данела тргна во товарење со ДУИ и Левица, постави нивни партиски луѓе на директорски места во градот и дојдовме до каде што сме со “непартиска“ градоначалничка која набргу по функцијата изјави дека нема намера да реализира партиска програма, и со ВМРО ДПМНЕ нема соработка. Да, таа поддршка за “непартиската“ Данела е грешна проценка на ВМРО ДПМНЕ но, грешна проценка и на сите кои сме гласале за неа. И не смее да се повтори тој експеримент со “непартиски“ и “независни“ кандидати кои никому не одговараат за ништо.

Крајот на Данела како градоначалник на Скопје заврши по само година дена од стапување на функцијата. Се потоа е кешарица и влегување во подземјето на политиката во соработка со ДУИ и Левица и бизниси со и преку СДСМ. До толку забегана што нејзини соработнички кои одбиле да ја дружат во подземјето ја обвинуваа јавно дека им организирала палење на колите за, на крај, да ја напушти и Драги Книга, “ташнаревиќ“ на проектот за брза “непартиска“ заработка. Данела е меѓу првите на кои се чека по реформите во судството и обвинителството. 

Дојдовме до локални избори. Тие, по дефиниција, се избори за подобрување состојба и решавање потреби од секојдневен живот. Не е висока политика со празните фрази за евроинтеграции, тоа е одлука кому да се доверат нашите јавни пари за проекти во нашето маало, или нашиот град. Навидум мали, ама многу важни проекти од кои ни зависи денот и секојдневниот живот: градинки, школи, пат, водовод, светло по улиците, автобус на време, амбуланта во близина, да нема опасни улични кучиња и полни контејнери...

После се, јасно е кој има проекти, и кој гради и не гледам дилеми околу тоа кој за таа цел треба да го добие гласот од граѓаните. Ако некој од вас и има дилема, барем во себе и за своја сметка, нека побара кој проект на СДСМ и ДУИ го видел и му значи, дали и колку помогнал во неговото живеење... А потоа, нека замисли колку пари на СДСМ и ДУИ им се дадена за проекти – да нема. А ги нема ни парите. Имаш куќа за пингвини, ама немаш градинка, старски дом, амбуланта ни сијалица да свети по улиците.

Прецизно, парите ги има, ама кај нив: што во Дубаи, што во Швицарска. А ти не си ни во Швицарска ни во Дубаи, остануваш тука со ливчето пред гласачката кутија.

Д.П. Латас (28.09.2025)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk