Првпат се воведува наставен профил за медицинска сестра во Тиквешијата, има интерес за школување во Кавадарци, потврдија денеска од средното училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци.
Училиштето постои 69 години и во новата учебна година ќе се стартува со новата воспитно-образовна струка.
Помошник директорот во училиштето Горан Зимоски вели дека за неколку дена почнува уписот на 34 ученици во новата паралелка, веќе верификувана од Министерството за образование и наука.
– Нашето училиште е расадник на таленти со години наназад. Низ годините овде се имаат школувано кадри главно од земјоделската и шумарската струка. Одовде имаат произлезено бројни стручни лица, самовработени или вработени во компании, каде даваат свој придонес во заедницата. Мотото на училиштето е „Денеска ученик, утре стручњак“ – изјави Зимоски за МИА.
Тој потсети дека од пред некоја година во училиштето беше воведена и фармацевтска струка, што исто така привлекува интерес кај младите лица од Кавадарци и регионот, но и пошироко, бидејќи градот има и средношколски интернат. Притоа, додаде, во училиштето веќе некое време има и гимназиско образование, спортска академија.
– Во врска со новиот профил за медицинска сестра, веќе склучивме и меморандум за соработка со Општа болница со проширена дејност Кавадарци и со две приватни здравствени установи, за нашите ученици од медицинска струка таму да изведуваат практична настава. Нудиме квалитетна и креативна настава – подвлече Зимоски.
Во просек во средното училиште во Кавадарци годишно се запишуваат околу 130 ученици. Вкупниот број на ученици од прва до четврта година годишно изнесува околу 370 ученици.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата