Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Горан Минчев, во интервју за неделникот Фокус, се осврна на јавните реакции и шпекулации поврзани со неговата комуникација и средби со поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски.
Минчев нагласи дека неговиот став за Црвенковски е одамна познат и непроменет, оценувајќи го како политичар со исклучителна државничка тежина.
– За г-динот Црвенковски моето мислење е одамна познато и може да се опише со еден збор – државник. Човек кој во клучни историски моменти носеше тешки одлуки со визија за државата – истакна Минчев, додавајќи дека неговиот политички габарит ги надминува границите на Република Македонија.
Минчев е дециден дека Бранко Црвенковски нема никаква формална или неформална улога во Движењето ЗНАМ, ниту учествува во креирањето на политиките и одлуките на партијата.
– Сакам да бидам целосно јасен – г-динот Црвенковски ниту е дел од Движењето ЗНАМ, ниту пак учествува во креирањето на политичките одлуки. ЗНАМ има свое раководство, свои органи и јасна политичка платформа и програма, која ја градиме самостојно, одговорно и транспарентно – посочи Минчев.
Тој додаде дека почитта кон нечие мислење и искуство не смее да се меша со политичко влијание или менторство.
– Дали го почитувам неговото мислење? Апсолутно. Мислењето на луѓе со искуство, интегритет и државничка тежина секогаш е добредојдено. Но, средбите, разговорите и фотографиите не значат политичко покровителство. Одлуките што ги носиме во ЗНАМ се резултат на нашите уверувања, принципи и одговорност кон граѓаните. За нив одлучуваме и одговараме исклучиво ние – нагласи Минчев.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата