Работата на мајсторите плочкари, водоводџии, столари или електричари гледано во потрошено време и добиен ефект е веќе сега поскапа од работата на лекарите, информатичарите, инженерите. Често пати им се плаќа во кеш, на рака, па нема формално официјлани податоци која е нивната заработка но, речиси секој граѓанин ги знае нивите цени.
Реновирањето во Македонија во последните една-две години значително поскапе, пред сè поради растот на цените на градежните материјали, но и поради сè поголемиот недостиг на мајстори. Цените варираат зависно од градот, квалитетот на материјалите и искуството на изведувачите, но трендот е јасен – услугите се поскапи од порано, а побарувачката е поголема од понудата.
За основни работи, спорeд порталот Фактор, цените најчесто се движат вака:
Кречење (со материјал) чини околу 120–200 денари по квадрат, додека без материјал може да се најде и за 80–120 денари.
Лепење плочки е меѓу 400 и 800 денари по квадрат, а за покомплицирани површини или поголеми формати цената оди и над 1.000 денари, односно и до 20–30 евра по квадрат.
Поставување ламинат најчесто се наплаќа од 150 до 300 денари по квадрат, во зависност од подлогата и сложеноста.
Дополнително, ако се прави комплетно реновирање – како бања, кујна или инсталации – трошоците значително растат, особено ако се користат поквалитетни материјали.

Сè поголем фактор во цената стануваат и мајсторите. Поради недостиг на работна сила, нивните дневници постојано растат. Во моментов, според пазарните информации и огласи за услуги,просечните дневници се движат вака:
Молер – од 1.500 до 2.500 денари дневно
Плочкар – од 2.500 до 4.000 денари дневно
Водоводџија – од 2.000 до 3.500 денари дневно
Кај поискусни мајстори или во Скопје, заработката може да биде и значително повисока, особено ако работат по квадрат или по зафат, наместо по дневница.
Граѓаните најчесто се жалат дека најголем проблем не е само цената, туку и достапноста – за добар мајстор се чека со недели, па и месеци. Од друга страна, токму поради тоа, занаетите стануваат сè поисплатливи.
Прашањето дали се исплати да се биде мајстор во Македонија денес има прилично јасен одговор – да. Многу молери, плочкари и водоводџии заработуваат повеќе од просечната плата, особено ако работат самостојно или имаат сопствен тим.
Сепак, проблемот е што сè помалку млади се одлучуваат за овие професии, па побарувачката останува висока. Тоа значи дека реновирањето во Македонија ќе продолжи да бара поголем буџет, но и добро планирање однапред.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата