logo
logo
logo

ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА КАВАДАРЧАНЕЦОТ ШТО СИ ГО УБИ БРАТОТ

Vecer | 29.12.2025

ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА КАВАДАРЧАНЕЦОТ ШТО СИ ГО УБИ БРАТОТ

Основниот суд во Кавадарци изрече казна доживотен затвор за 43-годишниот С.И., откако тој ја призна вината за убиството на својот помлад брат, соопшти Основното јавно обвинителство Кавадарци.

Судот донел пресуда врз основа на признание на вина и го огласил С.И. за виновен за кривичното дело убиство од користољубие, по член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, се вели во соопштението на Обвинителството.Според обвинението, злосторството било извршено на 27 јули годинава, на денот кога жртвата Илија Иванов го славел својот роденден. Меѓу двајцата браќа избила расправија, бидејќи обвинетиот верувал дека брат му има намера да го преземе целиот имот. Воден од користољубие и силни негативни емоции, С.И. го лишил од живот својот брат во домот на жртвата.

По настанот, обвинетиот го напуштил местото, а следниот ден повторно се вратил. Во деновите што следеле, се враќал повеќепати со цел да го прикрие делото – ги отстранувал трагите и го преместувал телото, кое подоцна било сокриено во помошен објект во дворот.

Во периодот од 30 јули до 5 август, кога телото било откриено, обвинетиот во повеќе наврати подигнувал пари користејќи ја банкарската картичка на жртвата, наведува обвинителството.

Обвинението против С.И. било поднесено на 28 октомври, а тој во целост го признал начинот на извршување на делото, онака како што било опишано во обвинителниот акт.

При изрекувањето на пресудата, Судот донел и решение со кое на осудениот му е продолжена мерката притвор, која ќе трае до почетокот на издржувањето на казната доживотен затвор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk