logo
logo
logo

Тошковски: Продолжуваме со реновирање на управните служби за достоинствени услуги кон граѓаните

Vecer | 06.05.2026

Тошковски: Продолжуваме со реновирање на управните служби за достоинствени услуги кон граѓаните

Во зградата на Македонската телевизија денеска официјално беше отворен вториот дел од реконструираното Одделение за управни работи. На настанот присуствуваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека реновирањето е дел од поширок процес за унапредување на условите во кои граѓаните ги остваруваат своите законски права.

Според министерот, позитивните реакции од граѓаните се секојдневни, особено во однос на подобрените услови и услугите што ги добиваат во управните служби. Тој најави дека МВР ќе продолжи со реновирање и на другите објекти низ државата.

– Се надевам дека тоа ќе го реализираме во најкраток можен рок. Ќе продолжиме со реновирање на сите останати управни служби на територијата на Македонија, со цел да им обезбедиме на македонските граѓани културна и достоинствена услуга од страна на Министерството за Внатрешни Работи – рече министерот.

Одговарајќи на прашања за новата систематизација во МВР, Тошковски информираше дека интересот за огласените работни места е висок, со над 900 апликации за дел од позициите. Тој нагласи дека нема да има отпуштања поради несоодветно образование.

– Можам да кажам дека сите видови образование со кои моментално сме затекнати нема да бидат причина за негативни последици, односно вработените ќе можат да извршуваат одредени работни позиции кои и досега ги извршувале, дури и во случаи каде што образованието не е целосно соодветно, особено кога станува збор за пониски нивоа. Нема да има отпуштања од работа или радикални мерки поради несоодветно образование. Новата систематизација овозможува секој еден затекнат вработен да може да се снајде врз основа на искуството, годините работен стаж и другите релевантни фактори во рамки на систематизацијата. Во иднина, предвидуваме малку поригорозни критериуми во однос на соодветноста на одредени професионални позиции, согласно потребата од попрофесионален одговор во работењето на Министерството – посочи Тошковски.

Во врска со проектот „Безбеден град“ и лажните СМС-пораки за плаќање казни, Тошковски апелираше до граѓаните на внимателност.

-Граѓаните мора да бидат внимателни од кого ја добиваат пораката. Тоа се пораки од чудни броеви и адреси кои не доаѓаат од официјални канали на МВР. При секој обид за манипулација, МВР навремено ќе постапува и ќе ги информира граѓаните – рече тој.

Министерот повтори дека проектот „Безбеден град“ дава резултати, наведувајќи дека бројот на жртви во сообраќајот е намален од 47 во 2025 година на 26 оваа година. Тој најави дека системот ќе биде имплементиран низ целата држава до крајот на годинава, по фази, како што се исполнуваат условите во градовите.

На крајот, Тошковски информираше дека е објавена и нова постапка за набавка на полициски униформи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk