Македонија и во јунскиот извештај за реформската агенда ќе биде фронт-ранер, додека во однос на испораката на правда очекува побрза и поробусна испорака на правда од таа претходно, затоа што и граѓаните не се задоволни од спора правда и затоа дополнителни примања нема да има без јасни резултати – рече премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот.
– Се разбира дека не само јас и граѓаните, сите ќе се сложиме дека е премногу бавна или воопшто ја нема и дека не сме задоволни. Поврзано со испораката на правдата очекувам во периодот кој следи побрза и поробусна испорака на правдата споредено со тоа што било порано. Имаме отприлика 120-130 ревизорски извештаи на институции доставени до обвинителството, барем ревизорите велат дека констатирале многу незаконитости, очекувам барем врз основа на тие ревизорски извештаи да се постапува и испорача правда – изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека Владата прави сè за обвинителството и судовите да добијат услови за работа за да ја испорачаат правдата и за да работат попродуктивно, односно дека се донесе Законот за Судски совет, Законот за ЈО е во Собрание, службениците во судовите и обвинителствата ќе добијат 40% зголемени плати, 200 нови вработувања. Ќе се почитува одлуката на Уставен суд да се вратат платите на судиите од 2025 година, но дека нема да има дополнителни зголемувања без јасни резултати.
– Конкретно, сега имаме еден камен на сопнување, каде што треба да се регулираат, повторно сè се сведува околу платите на судиите и обвинителите. Тој е оној камен на сопнување за кој ние во Реформската агенда сега разговараме. Сега се бараат дополнителни зголемувања на примањата. Дополнителни зголемувања без јасни резултати нема, па дури и по цена да пропадне тој чекор, бидејќи со ова што ние направивме, како влада, што го овозможивме, е континуиран раст на платите на вработените во судовите. И ова јасно на следниот состанок на господинот Герт-Јан Копман ќе му го кажам. Се бараше зголемување, се овозможи зголемување, се бараше измена во закон, се овозможи измена во закон, се бараше зголемување на бројот на вработените службеници, се овозможија 200 нови вработувања… Но, континуирано ние да овозможуваме средства за зголемување на буџетите и платите без притоа да има никакви резултати, т.е. резултати кои не враќаат назад, тоа како влада нема да го дозволиме – нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека и да не успее овој чекор, ние и во јунскиот извештај ќе бидеме подобри од самопрогласените фронт-ранери, исто како што бевме во декемврискиот извгештај.
– И така ќе бидеме до крај и ќе го изолираме ова за кое денеска води кампања опозицијата – за промена на Устав, сè друго ќе работиме и ќе испорачаме. Ставот е кажан, цврст и непроменет во однос на тоа прашање – рече Мицкоски од собраниската говорница.
„Имаме прилично амбициозна агенда, нашата стратегија е да испорачаме дома реформи, Реформска агенда, Акциски план, за малцинствата и се она кое што за нас е условно кажано предмет на наша внатрешна работа да си го завршиме, да го изолираме она што го форсира дел од опозицијата, а тоа се безусловни уставни измени. Да покажеме дека сме најкомпетитивни, имаме потенцијал и желба, амбиција сакаме да бидеме дел, а таквата политика која безусловно прифаќање кое на билатерална основа го бара една земја членка од нас да го изолираме. Да разговараме на основа двонасочна улица, не безусловно да можеме да постигнеме некаков заеднички консензус.“, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде во делот на енергетиката имаме неколку чекори, реформи кои ни се важни и дека најдено е решение и за тој дел кој се сметаше дека не е можно да се испорача, односно да нема поскапување 30% поскапа цена за електричната енергија за граѓаните, туку со новиот модел можно е поевтинување од 5 до 10%.
„Во разговори со Европската Комисија дојдовме до еден релативен комрпомис, а тоа да интервенираме во Законот за енергетика во кој ќе допрецизираме, иако законот е таков и либерализиран пазарот за електрична енергија, ние би допрецизирале дека државната ЕСМ нема да испорачува повеќе од 70% од количините потребни за снабдувачот почнувајќи од 1 јануари 2027. ЕВН ХОУМ објавува тендер еднаш годишно, и тој тендер го опфаќа период од 1 јануари до 31 декември, и е завршен и не можеме на пола тендер да интервенираме и затоа велиме од 1 јануари 2027 година. Создадовме портфолио коешто ако добро го оптимираме не само што нема да ја поскапи цената на електричната енергија, туку и во дадена мерка ќе ја поевтини. Целта ни е да понудиме конечна цена за 2027 година што на крај ќе имплицира 5 до 10 проценти поевтина цена на електрична енергија за граѓаните.“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски појасни дека количината на електрична енергија која ја трошат граѓаните е поделена во два дела, првиот дел го содржи делот на грејната сезона, од 15 октомври до 15 април, 24 часа на ден плус периодот од денот од 15 април до 15 октомври во ноќните часови, а вториот лот е периодот од денот од 15 април до 15 октомври преку ден кога сончевата радијација е најсилна и кога соларните панели најмногу произведуваат електрична енергија и која е поевтина од таа која се троши во ноќните часови.
„Создадовме еден креативен модел кој можеме да го аплицираме, не само што ќе го исполниме чекорот, туку и ќе обезбедиме за граѓаните поевтина цена на електричната енергија 5 до10%, затоа што цената која денеска ја продаваат соларните панели односно фотоволтаичните централи е во одредени периоди од денот со минусна цена односно плаќаат за да некој им ја откупува. Креиравме вин-вин ситуација, од една страна да го исполниме чекорот, од друга страна да обезбедиме поевтина цена за електричната енергија за граѓаните.“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека другите чекори се горе-долу пред крај, останува уште Изборниот законик кој зависи од опозицијата.
„Во Министерството за финансии имаме во делот на колатералот, со Министерството за правда се усогласивме и со ЕК со господинот Герт-Јан Копман и неговиот тим што треба да направиме, тоа генерално е затворено прашање, во делот на транспорт горе-долу се усогласени мерките, а тоа се за оптимизација и реструктуирање на двете јавни претпријатија АД Македонски железници, инфраструктура и транспорт и Пошта. Во делот на дигитална трансформација поврзана со гигабитната инфраструктура ги добиваме насоките каде треба да се движиме и набргу ги очекувам тие законски измени да се најдат пред пратениците. Така што целокупниот обем со Агенцијата за конфискување на нелегално стекнат имот и таму е затворена постапката, објавен е огласот, да се заврши формално да се вработат луѓето. И еден закон има многу важен тоа е Изборниот законик кој зависи од пратениците, но имајќи ја предвид состојбата со опозицијата, доколку се заврши тоа практично и таа мерка ќе ја поминеме така што од 10 можеме да дојдеме до 9 и пол. Тоа ќе претставува еден рекорд кој досега никој не го направил.“, изјави премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата