Што имаме денес од светска ексклузива за објавување? Цел свет, шефе, свртен е кон средбата меѓу Си Џинпинг и Доналд Трамп.
Одлично. Каде светот, таму и ние. Што се случи на таа средба?
Си Џинпинг му предложи на Трамп да ја надминат „Тукидидовата стапица“, а потоа беа во „Храмот на небото“. А?
Појма немам, шефе, првото има некаква врска со антиквизација, а второто изгледа како некоја црква, што знам, не се разбирам јас во религија, хахаха, ама па и јас уште не сум расонет, да завршам со кафево и ќе седнам да гуглам, Џемини и ЧетГПТ сигурно имаат објаснување, само што ги знаеш ти Кинезите, шефе, чурук народ, цело време нешто комплицираат, сите нормални одат на Месечината, само они ја бараат темната страна, па уште оној нивен ѕид, мислам, јас ништо не ги разбирам, ниту нив, ниту оние „Пинк Флојд“.
Каков сега „Пинк Флојд“?
Па нели, шефе, кога сите се чудеа што им е муабетот на Кинезите со тоа темната страна на месечината, нормално и јас се чудев, одма ја прашав вештачката интелигенција, клучни зборови: Кина, ѕид, dark side of the moon и ми го извади тој бендот „Пинк Флојд“, ама скроз не им ја разбрав музиката, ни хитче, ни рефрен, ни бутур.
Слушај, батали ти и Кина и Си и Трамп, да се држиме ние до тоа што ја пали рајата, бидејќи каде јавноста, таму и ние, колку им фаќа црпката, толку сервираме, склопи нешто на тема, волк ли е, куче ли е, ама и за она логото на „Скопје – европска културна престолнина“ што личи на дигнат пенис, тоа обавезно да го има, значи не се нормални што прават и за што ги плаќаме…
Шефе, тоа со волк ли е, куче ли е, уште завчера се расчисти, а логото, всушност нема врска со Скопје, лажна вест, стара вест, некоја бугарска заебанција за „Пловдив – европска културна престолнина“.
А бе што е битно, дали нешто се расчистило? Кому му е гајле тоа? Отвори социјални мрежи, уште ги држи беснило за џукелата, нема кој не стави коментар на темата, бидејќи: коментирам, значи постојам, хахаха, тоа сам го смислив, генијално, а?
Генијално, шефе!
И што ако е лажна вест тоа со лого-пенисот? Нели гледаш дека уште имаат ерекција на темата? Пиши таму, битно е ние да сме во тек со нив, а они да кликаат, голтаат, лајкаат и прават хехенца.
А светска ексклузива, шефе?
Хмм, светска ексклузива, светска ексклузива… А да! Вчера жена ми гледаше „Евровизија“, склепај нешто на таа тема, раја секогаш се пали на транџи, манџи, разголени мачиња, спакувај сè тоа, знаеш ти како, нели си урбана авангарда, а-ха, можеш и ова, како се викаше, ќерка ми вчера ми се качи на глава, „Мет гала“, да, Холивуд, гламур, џетсет, пак голи тетки, тоа нормално, така што ќе имаме светска ексклузива многу поразбирлива од тоа стапиците и храмовите на Кина.
Утро. Петок. Мај. 4.724 година (на коњот). Штотуку измислив разговор помеѓу уредник и новинар во една просечна нордистанска редакција. Убаво ми е кога измислувам разговори, кои најверојатно се случуваат. Сега можам да го јавнам мојот омилен змеј и да си играм пинг-понг со фантазијата.
Ама прво да ја завршам колумната.
Значи стварно безобразни ова Кинезиве. Мора они, до Конфуциј и назад, да ја искомплицираат секоја работа, макар тоа било средба меѓу двајца, од тројцата најмоќни политичари на планетава. Мора да ни направат филозофска стапица, теолошка замка, да нè превеслаат низ симболика, историја и метафизика меѓу небото и земјата, изгледа стварно не знаат како да се вклопат во нашата модерна западна цивилизација на која ѝ течат вредности од цела оториноларингологија. Тукидидова стапица, Храмот на небото, а бе ајде! И сега ние, што? Да си губиме време во истражување, анализи, нуркање во историја, култура, филозофија, среќа тоа вештачката интелигенција дава брзи и кратки одговори, инаку ќе мораше да се почувствуваме природно глупи и суштински необразовани.
Стварно не знам што им е финтата. Зошто, побогу, инсистираат да нè збунат? Зошто не звучат едноставно, како нашите западни политичари полни цивилизациски вредности? И нив ништо не ги разбираме, ама барем знаеме дека всушност немаат што да кажат, па затоа постојано плеткаат флоскули и фрази кои заедно срочени се ослободени од секаква смисла и суштина.
Значи, Кинезиве, бљак! Е па, ај ако не, да фатиме да „фрламе“ „И Чинг“ за да ги сфатиме геополитичките промени или да го читаме Сун Цу за да ја разбереме уметноста на војувањето или не дај Боже, да се удавиме во зен коаните на кинескиот Чан будизам за да се снајдеме низ парадоксите на времето. Е заради ваквите забегани кинески езотерични лудувања, нашата кутра Каја Калас мора да направи список книги што треба да ги чита за до крајот на мандатот да стане паметна. Нормално дека на тој список нема руски автори, бидејќи уште од самите наслови се гледа дека Русите се бедни луѓе, мртви души, понижени и навредени идиоти што убиваат баби и фрлаат жени под возови само затоа што сакале да плеснат нешто помладо. И сега Каја, наместо во теретана, ќе мора да се поти над книги.
А што убаво беше кога Урсула ни зборуваше за лопати и чипови од миксери, веднаш ни е јасно нејзиното празнословие, затоа што тоа е јазикот на модерното време и новата нормалност што ја разбираме.
Добро сега, ние тука во Нордистан сме на крстопат наречен ќор-сокак, каде балансираме меѓу Западот кој не сака да нè разбере и Истокот кој се плашиме да го разбереме. И ние имаме езотерични испади кои се манифестираат кога шуто и рогато претура од шупливо во празно.
Власта ни е во метафизички конфликт од мене наречен „Диогенова стапица“, односно кога си затворен во буре со фенер во рака и мислиш дека среде ноќ те огреало сонце, односно тврдиш дека единствен избор ни е да влеземе во ЕУ, ама само со нашиот македонски идентитет кој Унијата сака да го избрише.
Опозицијата ни е алхемиски пооткачена, живее во храмот, од мене именуван „Срамот на небото“, сеедно што се глупираат овде долу на земјата сакајќи да нè убедат дека формално сме Нордистан, суштински сме Србија и Унгарија, ама мора да станеме Бугарија. Што се однесува до правниот систем, невиноста и патриотизмот се обвинети и осудени за тероризам, а корупцијата на моќта е вносна економија од која обвинителството и судот добро заработуваат. Битно народот може да се подели за сенешто, куче ли е, волк ли е, лого ли е, пенис ли е, среќа никој не споменува Ерос и Танатос, оти тоа е многу комплицирано.
Стварно Русјаков, ти за кој си? За Ерос или за Танатос?
За Танатос, оти нема веќе песни ала Ерос Рамазоти на „Евровизија“.
Александар Русјаков (Нова Македонија)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата