Доктор Сашко Кедев, кардиолог во државната Кардиологија, лани во август отвори дилема и рашири страв кај пациенти и во јавноста дека на приватните клиники се вршат непотребни операции за да се создаде профит. Притоа, Кедев не изнесе ниту еден доказ, име на клиника или опис на случај кој би ги поткрепил неговите наводи.
Во првиот настап на Радио Канал 77, а особено потоа, Кедев изнесуваше морбидни описи и асоцијации како се отварал граден кош без потреба, колку тоа било страшно и слично што дополнително ја вознемири јавноста.
Потоа, министерството за здравство именуваше комисија од доктори во кардио областа и најави странски експерти кои, стручно, би ја оцениле состојбата. Се најави дека ќе се истражуваат случаи во последниве три, па потоа се прошири на пет за на крај да се истражуваат случаи од пред дваесет и повеќе години. За Претседавач на Комисијата, е избран д-р Жарко Христовски од Аџибадем Систина.
Деновиве министерството за здравство излезе со опис на наодите на тројцата странски експерти во која прилика министерот за здравство Алиу, цитираме, изјави:

Од вкупно анализираните 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четворица пациенти констатираше дека, цитирам: „обезбедениот третман, во целина, бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса.“
Кај останатите 9 пациенти, според странските експерти, цитирам: „документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација - на пример, несогласување меѓу ангиографските наоди од коронарографијата и писмениот извештај - по што следувала несоодветна индикација за процедури, било ендоваскуларни или хируршки“, наведува министерот Алиу.
“Во однос на овие случаи, комисијата оценува дека, цитирам: „одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваниот професионален стандард и можеби неповолно влијаеле врз клиничкиот исход“, посочи министерот Алиу.
„Пациентите се на возраст од 46 до 78 години коишто беа предмет на анализа. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во здравствените установи во јавните и во приватните здравствени установи: Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, Клиничка болница Штип, Градска општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, ПЗУ Кардио Ар Штип, Клиничка болница ‘Жан Митрев’ и Клиничка болница ‘Аџибадем Систина’.
Анализите покажале можни недостатоци во јавното како и во приватните кардио институции.
Никаде, во ниту еден дел на тој извештај според Алиу – нема констатација дека се извршени операции на срце а тоа не било потребно! Го нема тоа што Сашко Кедев го тврдеше со месеци. Освен тоа, недостатоци се истражуваат и во државната Кардиологија во која работи и Сашко Кедев а во која клиника беше директор од 1999 до 2003 година – во време на владата на Љубчо Георгиевски, а не само во приватните болници како што Кедев посочи. А Кедев беше и директор на државната Кардиологија. Па, кој тогаш во државната Кардиологија “за да создаде профит без причина“ давал упати или вршел кардио интервенции без причина?!
Што покажуваат документите, фактите и политичката заднина

ДОКУМЕНТИ: Порталот Вечер.мк има увид во документацијата за спорните пријавени девет случаи.
- Осум од нив пријавени се од Сашко Кедев за непотребна операција. Се работи за повозрасни до постари лица. Период на интервенции – од пред 16, 18, 17 и 24 години.
Пациент роден 1962 (не е воопшто опериран), 1946-та (не е опериран), 1965-та (оперирана во 2010 година, отворен бајпас, по препорака на Униврезитетска клиника од Лајден/Холандија), роден 1958 (опериран во 2008-ма година), родена 1942 година (оперирана 2009-та), родена 1946-та (оперирана во 2002 година) родена 1962 (добила упат од државна клиника за операција, на приватната клиника по преглед утврдено дека нема потреба од операција и не е оперирана).
Непотребно направени коренографии за пациент број 1, број 6 и број 7 после дадена изјава на Др. Кедев, пишува во документацијата.
Накусо: од 8-те пријавени до Кедев три не се воопшто оперирани. И, најважно, по операциите сите пет наведени и оперирани потоа се живи и здрави иако од операцијата се поминати децении!
Порталот Вечер.мк има увид и во документација во која се гледа дека доктор Сашко Кедев упатил пациенти за операција до приватна кардио клиника од списокот на можни спорни при Министерството за Здравство. Два од неговите избрани три упати се спорни.
Порталот Вечер.мк има увид и во видео изјави, дадени со нивна согласност, од пациенти наведени во списокот за истражување на случаите, дека кардио зафатите кои им се извршени се дадени после долги лекувања и претходни медицински претраги во државните клиники, упатени оттаму, и дека потоа имаат позитивен ефект врз нив.
Каде се проблемите за кои зборува Кедев?
Приватните кардио клиники како Жан Митрев и Аџибадем Систина вршат по околу 1.000 кардио интервенции годишно (вклучително и операции), а државната Кардиологија само 35-50 опрации! Состојбата е дополнително поразителна кога ќе се споредат процентите на смртност на државната и приватните кардиохирургии и кардиологии. И на крај кардиолог од државна клиника, Сашко Кедев, отвара афера за неоснована “профитност“ кај приватните клиники кои вршат 90% од сите кардио интервенции во државава.
А кога сме кај “профитноста“, кога ќе има анализа и истраги за корупцијата на државните клиники, свесно давање долги термини за операции и снимања ако не се плати за порано и последици по здравјето и животот на пациентите поради тоа... По можност истраги со вклучување на странски експерти?

ФАКТИ: Документацијата покажува дека нема операции кои биле “непотребни“ и кои, според Кедев, им загрозиле здравје и живот на пациентите. Нема такви! Напротив, странските експерти утврдиле дека се можни недостатоци во медицинскиот третман пред операциите – а тоа е фаза која најчесто се врши кај државните клиники кои, потоа, оперираат пациенти или ги упатуваат до приватните кардио клиники.
Министерството за здравство објави опис на наоди на странските експерти и наведе институции до кои тие наоди ќе бидат испратени. За чудо, наодите не се испратени до клиниките (ни до приватни ниту државни) на кои истражувањето се однесува што е спротивно и на етиката и спротивно на јавниот интерес.
Дури и во случаи во кои УЈП (Управа за јавни приходи) врши контрола нивните сознанија се испраќаат до субјектот кој е предмет на контролата. Кедев отвори неоснована афера, вознемири јавност и десетици иљади луѓе, и сега – кога странските експерти утврдија дека потенцијал за проблем има пред операциите, таа јавност има право да знае што и како утврдиле експертите за да се смири, а не да се држи и понатаму во неизвесност и напнатост.
Министерството за здравство објави дека нема да дава податоци што утврдила странската комисија заради заштита на идентитетот на пациентите. Се подразбира дека никој не очекува имиња на пациенти и нивни дијагнози во јавноста, но очекува сознание и прецизен извештај.
По заклучоците на странските експерти дека нема утврдено непотребни операции на срце јавноста очекува и извинување од доктор Сашко Кедев до таа јавност за неосновано вознемирување, како и извинување до десетици свои колеги кардиолози и кардиохирурзи низ Македонија врз кои Кедев отварајќи афера без факти и посочени примери со генерално обвинување фрли анатема и сомневање дека сите тие се “платеници“ и “профитери“, а само тој чист и стручен. А Сашко Кедев, дел од својата кариера, работеше во една од приваните клиники.
Кедев, како државен службеник на буџетска плата, е должен на јавноста да и објасни како терал своја професија патем искачувајќи се на 14 светски врвови високи по 8.000 метри за што, со подготовки и реализација, треба вкупно над две години време и околу милион евра пари а, за тоа време, земал државна плата. Од 14 “искачување“ по планини низ светот, дури 7 му се во време 2021-2023 година кога формално бил директор на кардиологија!
Според експертите од satoriadventuresnepal.com/ за искачување на тие планински врвови, при претходно врвна кондиција и спрема, периодите на искачување за овие планини од над 8.000 метри се движат во траење од 40 до 65 дена. Времето за физички подготовки е плус од тоа.
Според експертите од exploreinnepal.com трошоците за тие експедиции се движат од 15.000 до 160.000 долари за секоја, плус таксите и дополнителни трошоци.
Во 2023 година три пати бил отсутен со месеци. Кој управувал со клиниката за тоа време? Сега, пред пензија, и одбиен од приватните клиники за ангажман, Сашко Кедев има вишок време а малку опции што понатаму. Една од малкуте опции му е “афера“ против колегите и усмерување на вниманието кон себе.

ПОЛИТИЧКА ЗАДНИНА: Дали Сашко Кедев има политички амбиции и за таа цел со “афери“ сака да го сврти вниманието кон себе промовирајќи се. Тоа, за него лично, е малку можна опција и малку веројатна амбиција. Да ја имаше можеше да ја реализира на последните претседателски избори во 2024-та година. Амбициите ги имаше на претседателските избори во 2004-та кога загуби од Бранко Црвенковски. Затоа, во делот на политичката заднина за самопромоција со фантомски “афери“ за кои Кедев не даде никаков доказ ниту посочување останува неговата криза на човек пред пензија кој нема решение за себе што понатаму.
Но затоа политички амбиции се видни за лица од неговата блиска околина кои, по отварање на “аферата“, по социјалните мрежи и пар портали вршат своја промоција на тема од “аферата“ и веќе добиваат (засега само партиски) функции кои претходно ги немале.
Се турка скора смена на министерот за култура, интересно е да се почека и види кој (или која) личност има амбиција за тоа министерско место. И има ли тоа врска со Сашко Кедев? И не е тоа можната крајна цел. Можеби амбициите за кои одработува Кедев одат и до идна кандидатура за следните претседателски избори кои се во иста година со следниот партиски Конгрес.
Како што во 2004-та година кога Сашко Кедев се кандидираше за однапред загубени претседателски избори и послужи за одржување на туѓи кариери, сосема е веројатно дека и неговите последни јавни настапи се во служба да биде логистика на туѓи политички амбиции. Министерски во култура, претседателски, за шеф на партија... сите опции се на маса.
Како дополнителна вредност на целата оваа бламажа е употребата на лични врски со некои дејци во културата за одбрана на медицинската “афера“ на Сашко Кедев. Во недостаток на поддршка од лекари и стручни лица од медицината, деновиве колумна пишува некој Дарко Лешоски, писател, за “сечење гради на луѓе...“ во поддршка на Сашко Кедев. Колумната е објавена во Либертас, од кланот на Заев и Филипче. Како стручна и добра препорака за амбициозната околина на Сашко Кедев. Лешоски очекува да биде барем советник кај идниот министер, или минстерка, за култура.
Цената на тоа е понижувачка за Сашко Кедев. Кариерата градена во здравството ја завршува и “промовира“ со награда за алпинизам и искачување на планински врвови како свој најголем успех. Во медицината завршува како кодош на свои колеги од кое кодешење, на крајот, нема сомнителни операции а има вознемир кај десетици иљади луѓе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата