Премиерот Христијан Мицкоски денеска присустуваше на традиционалната средба на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржа во Манастирот „Пеленица“ во Драчево.
-Настанот помина во духот на заедништво, почитување на вредностите што не обединуваат и пријатно дружење со долгогодишни пријатели и поддржувачи. Чест ми беше што бев дел од оваа средба – објави Мицкоски на Фејсбук.
За средбата свој пост објави и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека и оваа година продолжува убавата традиција на Пеленица, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, со ветераните на ВМРО-ДПМНЕ и со сите искрени луѓе кои низ годините вложувале труд, верба и љубов за Македонија.
-Се сеќавам, пред 13 години, кога токму од овде, на манастирот „Руса Среда“ на Пеленица, од една идеја, од една искрена дружба со ветераните и со мојот драг пријател Христијан Мицкоски, се роди традиција која денес живее, расте и обединува. Ова место е симбол за нас. Симбол на верба, на заедништво, на истрајност и на љубов кон татковината. Низ годините искачивме многу планини заедно. Не беше лесно. Имаше предизвици, имаше борби, имаше моменти кога требаше да се издржи и кога требаше да се верува повеќе од кога било. Но, вредеше. Затоа што денес сме повторно тука, на истото место, сплотени, исправени и обединети во идејата за подобра, посилна и горда Македонија, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Тој изрази благодарност на секој еден човек кој дал свој придонес оваа традиција да опстои.
-На секој член, на секој ветеран, на секој млад човек, на секоја жена, на секој жител на нашата преубава Македонија кој додал свое камче во мозаикот на татковината. Ветераните се нераскинлив дел од ВМРО. Тие се столбот на кој се потпира партијата, но и еден од темелите врз кои се градела и се гради Македонија. Нивната борба, нивната верност, нивната пожртвуваност и нивната љубов кон државата заслужуваат длабока почит. Таа почит ја имале, ја имаат и секогаш ќе ја имаат од мене, истакна меѓудруготот градоначалникот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата