Министерството за дигитална трансформација во денешното соопштение реагира по јавните реакции на дел од инфлуенсерите и дигиталните креатори во врска со правилникот на Агенција за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ), познат во јавноста како водич за инфлуенсери, како и со одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.
Од Министерството за дигитална трансформација информираат дека како надлежни за политиките во областа на дигиталниот простор и развојот на онлајн-екосистемот ја следат јавната дебата и сериозно ги земаат предвид изразените ставови од страна на креаторите на дигитални содржини.
Дигиталната економија и креативната индустрија се значаен сегмент од современиот медиумски и економски систем и нивниот развој треба да се темели врз јасни правила, правна сигурност и почитување на европските стандарди. Истовремено, јасно е дека овој медиумски плурализам ги поттикнува слободата на говор, различноста на мислење и демократијата воопшто – се наведува во соопштението.
Регулаторната рамка во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како што посочуваат, произлегува од законските измени усвоени од Собранието во минатиот состав во 2023 година, со кои се врши усогласување со европското законодавство, особено со Директивата за аудиовизуелните медиумски услуги на Европската Унија. Подзаконските документи (пред сè, правилникот) произлегуваат од овие измени на Законот, но се донесени во текот на 2025 година. Водичот е неформален документ на АВМУ со необврзувачка содржина, кој не произведува правен ефект.
Министерството оценува дека секоја регулатива што се однесува на динамичен и брзорастечки сектор, како што е дигиталното создавање содржини, треба да биде пропорционална, јасна и во континуиран дијалог со засегнатите страни. Саморегулацијата и кодексите на однесување се легитимни инструменти во европската пракса, кои треба да ја надополнуваат законската рамка, која обезбедува заштита на јавниот интерес, транспарентност на комерцијалните содржини и заштита на малолетниците.
Во таа насока, Министерството за дигитална трансформација најави дека ќе иницира средби и консултативен процес со претставници на инфлуенсерите организирани во споменатото здружение, АВМУ, медиумската заедница и експертската јавност, со цел да се разгледаат можностите за дополнително појаснување или унапредување на подзаконските акти во насока на обезбедување балансирано и европски усогласено решение.
Нашата стратешка цел останува развој на конкурентен, слободен и одговорен дигитален простор, кој ќе овозможи раст на креативната индустрија, но и ќе гарантира правна сигурност и заштита на граѓаните. Ниедна мерка или активност нема да значи намалување на слободата на говор на креаторите на содржини и медиумските работници, ниту задирање во правата на граѓаните пошироко – се наведува во соопштението од кабинетот на министерот Стефан Андоновски.
Министерството најавува дека ќе продолжи активно да работи на унапредување на дигиталната регулаторна рамка во согласност со меѓународните стандарди и во интерес на развојот на целокупниот дигитален екосистем во Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата