Екс-обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Лејла Кадриу, во најновото издание на Вечерното шоу со Богдан Илиевски изнесе лични сведоштва и ставови за постапувањето на институциите во периодот по притворањето на тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Во разговорот, Кадриу се осврна на писмото испратено од притвор во септември 2019 година, со кое Јанева ги овластила обвинителите од СЈО да ги предадат сите предмети што се воделе во тоа обвинителство на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Таа оцени дека прифаќањето на ваква наредба, испратена од лице кое се наоѓа во притвор, претставува изигрување на законот и отвора сериозни прашања за законитоста на постапката.
Во септември 2019 година, Специјалното јавно обвинителство соопшти дека до институцијата било доставено полномошно од Катица Јанева, преку КПУ „Затвор Скопје“, испратено по пат на Основниот кривичен суд Скопје. Со тоа полномошно, Јанева ги овластила обвинителите од СЈО да ги предадат на Јавното обвинителство сите предмети што се воделе во ова обвинителство, вклучително и предмети во судење, во истрага и во предистрага.
Од СЈО тогаш информираа дека најпрво со писмото ќе го запознаат јавниот обвинител Љубомир Јовески, по што институцијата ќе одлучува за понатамошните чекори.
Во јавноста, ваквиот потег во тоа време беше толкуван како обид да се спречи пропаѓање на предметите на СЈО, со оглед на најавите за разрешување на Јанева од функцијата и неизвесниот статус на обвинителите по нејзиното заминување.
Во емисијата, Кадриу истакна дека ваквото постапување, според нејзиното лично искуство и разбирање на законската рамка, не било во согласност со принципите на независно и законито обвинителско дејствување.
На прашањето на водителот дали тогашниот републички обвинител постапувал како „тимски играч“, таа одговори дека, според неа, одлуките не биле носени самостојно, туку по одредени насоки.
Изјавите на екс-обвинителката повторно ја отворија дебатата за начинот на кој беше извршено примопредавањето на предметите од СЈО и за институционалната одговорност во тој чувствителен период.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата