logo
logo
logo

Видео

Нема радијација од пожарот во Трубарево, ИМА ВИСОКА КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ШТЕТНИ СУПСТАНЦИ, на околните жители им препорачуваме ДА СЕ ЕВАКУИРААТ

Vecer | 13.09.2025

Нема радијација од пожарот во Трубарево, ИМА ВИСОКА КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ШТЕТНИ СУПСТАНЦИ, на околните жители им препорачуваме ДА СЕ ЕВАКУИРААТ

Не е измерена радијација во Трубарево по пожарот во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“, а во непосредна близина е измерена висока концентрација на штетни супстанци, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Пожарот зафати објект во кој се складирани поголеми количини електронски и пластичен отпад. Карактеристично за ваквите пожари е тоа што складираните батерии, особено литиум јонските, како и разни метали и хемикалии создаваат екстремно високи температури при согорување и го прават гаснењето исклучително тешко и ризично. Во моментов во полициска станица се вршат разговори со три лица, сопственици и управители на објектот, за да се утврдат околностите и причините за избивање на истиот. Оперативните активности за расчистување на овој настан продолжуваат и натаму во координација со надлежниот јавен обвинител. Ваков тип на пожари не се изолиран случај само кај нас. Во изминатите години се забележани во Франција, Германија, Велика Британија, Литванија, Белгија, каде што складирањето батерии и електронски отпад предизвика сериозни пожари со огромни материјални штети и ризици по здравјето на населението. Проблемот е глобален. Ова е првпат да се случи ваков тип на пожар во Македонија, но добиваме стручна помош од домашни и странски експерти“ вели Тошковски.

Тошковски рече дека припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) се на терен и им препорачуваат на жителите кои се во радиус од 150 метри од центарот на пожарот, да ги напуштат своите живеалишта.

Обезбедени се 450 легла во Центарот за обука во Идризово за оние жители кои немаат каде привремено да се сместат.

„Но, ова ќе кажам, Господ не може да ме увери дека 4 пожари за 3 дена се случајност“, рече Тошковски.

Според мерните единици на специјалната единица на Министерството за одбрана, на 200 метри од центарот од пожарот загаденоста е ниска, а на 400 метри нема загадување.

Министерот рече дека пожарот е локализиран, но уште е активен и се гаси со ситен песок. 

Претходно, Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, рече дека Македонија е мета на хибриден напад, бидејќи за толку кратко време се случија тешки пожари кои предизвикуваат големо загадување на взодухот.

Ангелов рече дека дел од пожарот зафаќа дрвја, даски, пластика и друг горлив материјал.

„Делот во кој се наоѓа електронскиот отпад ќе го изолираме и ќе го гасиме со песок“, кажа Ангелов.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски рече дека во близина на пожарот нема голема површина за одгледување на земјоделски производи, а доколку имаат оштетувања од загадувањето и од пожарот, земјоделците ќе бидат обештетени.

На крајот од прес-конференцијата, министерот за здравство Азир Алиу се сврте кон новинарите и им рече: „Ве молам носете маски“.

Од Министерството за здравство претходно соопштија дека, во координација со Институтот за јавно здравје, обезбедиле 2.000 заштитни маски N95 кои вечерва се бидат дистрибуирани до жителите на скопското село Трубарево.

На лице место се присутни и две возила на итната медицинска помош, подготвени да интервенираат и да укажат соодветна здравствена помош како на пожарникарите, така и на граѓаните доколку имаат потреба“, соопштија од Министерството за здравство.

Опасен отпад денеска гори во рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, соработник на компанијата „Нула отпад“ која е е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад.

Пожарот почна денеска околу 13.30 часот во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти.


© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk