На почетокот на деведесттите почна историјата на приватните радио станици од кои, некои, и денес се активни на радио брановите, и од кои почна нов чекор во македонската култура, музичка уметност и неовинарската филозофија да се работи за публиката а не за државата.
Почетоците беа во 1992/93 година со Скај Радио, Радио Уно, Канал плус Радио Вокс... а потоа во 1994 стартуваше и Антена 5 со Зоран Петров, Коста Јаневски и Марјан Гушев. Основата на Антена 5 беше брзо адаптирање и примена на најновите музички и технички трендови и хитови по идеја на Зоран Петров и високо техничко и продукцико ниво што го обезбедија Коста Јаневски и Марјан Гушев. Благодарејќи на таа симбиоза Антена 5 и денес е во редот на најслушаните радио станици во Македонија.
Денес, Антена 5 остана без еден од тројката, без Коста Јаневски.
По кратко боледување на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радио „Антена 5“.
Учествуваше во основањето, техничкиот развој и креирањето на програмата, а ја извршуваше функцијата Технички директор во „Антена 5“ од 1994 година.
Работеше на техничката и програмска реализација на сите домашни и меѓународни музички и културни настани пренесувани на програмата на „Антена 5“: Британските музички награди, Ем-Ти-Ви европските музички награди (MTV ЕМА), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд Медиа фестивалот, Егзит, Таксират, Интернационалниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки” и Д Фестивал во Дојран.
Пред основањето на Антена 5, беше дел од програмата Радио Микс на Радио УНО и проектот Радио Топ Листа на Македонија.
Дипломира на Електротехничкиот факултет. Својата кариера како филмски работник ја започнува во осумдесетите години, како монтажер на тон и тон снимател.
Во 1985 година работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмски работници на Македонија, а од наредната година работи во продуцентската куќа “Вардар филм”. Во текот на својата кариера учествуваше во реализација на филмски проекти од домашна продукција и странски копродукции, голем број на играни, документарни, краткометражни и долгометражни филмови како “Македонска сага”, “Среќна Нова ‘49”, “Тетовирање” и многу други.
Беше член на Друштвото на филмски работници на Македонија и член на Здружението на тонски сниматели на Македонија. Погребот ќе биде во вторник во 11:30 на Градските Гробишта Бутел во Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата