logo
logo
logo

За адвокатот Тони Менкиноски кој ги брани Македонците во Стразбур - ЗАБРАНА ЗА ВЛЕЗ ВО БУГАРИЈА

Vecer | 07.03.2026

За адвокатот Тони Менкиноски кој ги брани Македонците во Стразбур - ЗАБРАНА ЗА ВЛЕЗ ВО БУГАРИЈА

Адвокатот Тони Менкиноски денеска ја информираше јавноста дека бугарските власти му изрекле забрана за влез во Република Бугарија во траење од 10 години. Одлуката му била врачена на 6 март 2026 година, при обид да влезе во земјата преку граничниот премин Златарево. Во образложението е наведено дека тој наводно претставува закана за националната безбедност на Бугарија.

Според адвокатот, решението е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка, што го прави обвинувањето исклучително сериозно. Тој нагласува дека мерката е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Прогласувањето на адвокат за закана за националната безбедност затоа што ги брани човековите права претставува опасен преседан за Европа – изјави Менкиноски.

Адвокатот најави дека ќе ги искористи сите достапни правни и институционални механизми за да ја оспори мерката. За случајот ќе бидат информирани надлежните институции во Македонија – Владата, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Народниот правобранител.

Истовремено, случајот ќе биде доставен и до европски и меѓународни институции: Советот на Европа, Европскиот парламент, Европската комисија, ОБСЕ, како и релевантните тела на Обединетите нации. Дополнително, ќе бидат известени и меѓународни организации за човекови права и независност на адвокатската професија, меѓу кои Amnesty International, Human Rights Watch, International Bar Association и CCBE.

Менкиноски посочи дека забраната доаѓа во момент кога пред Комитетот на министри на Советот на Европа повторно се разгледува прашањето за неспроведувањето на пресудите поврзани со ОМО Илинден.

Наместо да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права, Бугарија презема мерка која може да се толкува како притисок врз адвокат кој ги користи европските и меѓународните механизми за заштита на човековите права.

Ниту една забрана нема да нè спречи да продолжиме да ги браниме човековите права на Македонците и на сите граѓани кои ја бараат правдата пред релевантните европски и меѓународни институции за заштита на човековите права – нагласи адвокатот.

Дополнително, тој порача: „Добив забрана не како адвокат, туку како Македонец. Никогаш нема да се предадеме во остварувањето на нашите основни човекови права. Ова е голем срам не само за Бугарија, туку и за ЕУ и за НАТО. Ова е израз на немоќ, што ја покажа вистинската слика на бугарскиот шовинизам.

Со оваа забрана, случајот отвора сериозни прашања за владеењето на правото, независноста на адвокатската професија и правото на граѓаните да имаат слободен и независен правен застапник.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk