logo
logo
logo

СЕ СОЗДАВААТ УСЛОВИ ЗНАЕЊЕТО ДА СЕ ПРЕТВОРИ ВО ИНОВАЦИИ, иновацијата во производ, а производот во нови работни места

Vecer | 23.02.2026

СЕ СОЗДАВААТ УСЛОВИ ЗНАЕЊЕТО ДА СЕ ПРЕТВОРИ ВО ИНОВАЦИИ, иновацијата во производ, а производот во нови работни места

Денес е значаен момент за нашата држава. Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемаштво ја потврдуваме нашата јасна и силна определба Македонија да се позиционира како земја на знаење, наука, истражување, иновации и модерна конкурентна економија – изјави премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на конститутивна седница на Советот за иновации.

Тој рече дека Совет не е само формалност, туку инструмент на стратешка промена и механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст.

– Денес, светот се менува со огромна брзина. Дигитализацијата, новите технологии и истражувањата го дефинираат напредокот на нациите. Нашата цел е јасна – да создадеме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните – рече Мицкоски.

Самата структура и составот на Советот, кој ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од разни области, гарантираат интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки.

– Нашата цел е мерките да бидат конзистентни, транспарентни и ефективни, со јасни индикатори и мерливи резултати. На оваа прва седница го усвојуваме клучниот документ за следните четири години -Програма за поттикнување на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемаштвото за перод од 4 години. Оваа програма не е само административен акт. Таа е визија за развој заснован на наука, истражување и дигитализација. Таа создава рамка за поддршка – од првата идеја преку истражувачки развој и пилотирање до целосна комерцијализација – рече Мицкоски.

Тој потенцира дека со оваа политика создаваме основа за отворање нови, квалитетни и добро платени работни места.

– Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија – економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност. Во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд како креатори на политиките, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемаштво – ИНОВА е главен имплементатор на програмата. Но, успехот нема да биде резултат на една институција – туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем – рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека овој Совет испраќа јасна порака дека Македонија избира економија базирана на знаење.

– Избираме инвестиции во наука и истражување. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани. Време е идеите да ги претвориме во конкретни проекти, истражувањата во решенија, а визијата во реални резултати – рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk