Народната банка објави оглас за вработување на двајца извршители на определено време во траење од две години, при што за едната позиција основната нето-плата достигнува 83.306 денари (околу 1.355 евра) месечно.
Огласот се однесува на работните места „самостоен советник аналитичар“ и „помлад аналитичар почетен II степен“.
За позицијата самостоен советник аналитичар во Отсекот за планирање и контрола во Дирекцијата за финансии, сметководство и контрола е предвидена основна нето-плата од 83.306 денари (околу 1.355 евра), додека за време на пробната работа платата ќе изнесува 42.209 денари (околу 686 евра).
За ова работно место се бара завршен факултет од економските науки со најмалку 240 ЕКТС кредити и најмалку четири години работно искуство по завршување на високото образование. Кандидатите треба да имаат познавање на управувачко сметководство, планирање и контрола, МСФИ, англиски јазик, напредно користење на ексел и познавање на работењето на Народната банка.
Во процесот на селекција ќе се тестираат стручните знаења од областа на сметководството и напредното користење на ексел.
Втората позиција е помлад аналитичар почетен II степен во Отсекот за управување со платните системи во Дирекцијата за платни системи, за која основната нето-плата изнесува 49.826 денари (околу 810 евра), а за време на пробната работа 25.469 денари (околу 414 евра).
И за ова работно место се бара завршено високо образование од областа на економските, организационите, правните, електротехничките, информатичките или природно-математичките науки со најмалку 180 ЕКТС кредити и најмалку една година работно искуство. Кандидатите треба да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер, платни системи, платежни услуги и дигитални технологии.
Како и за претходната позиција, и за оваа од НБРСМ најавуваат дека во процесот на селекција ќе бидат тестирани за познавање на платните системи, платежните услуги и англискиот јазик.
Работното време започнува меѓу 8 и 9 часот, а завршува меѓу 16 и 17 часот. Со кандидатите кои за првпат ќе засноваат работен однос во Народната банка ќе се склучи договор на определено време од две години со пробна работа во траење од еден месец, а договорот може да биде продолжен во согласност со Законот за работните односи.
Кандидатите треба да ги исполнуваат општите услови за вработување утврдени во колективниот договор на Народната банка – да се државјани на Македонија, да се полнолетни, да имаат општа здравствена способност за работното место и да не им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност. Потребно е да достават пријава, кратка биографија, доказ за државјанство, диплома за образование, доказ за работен стаж, како и соодветни потврди за познавање на англиски јазик или работа со компјутер, во зависност од позицијата.
Рокот за доставување на документите е седум работни дена од денот на објавувањето на огласот, а изборот на кандидатите ќе се изврши во рок од 45 дена по истекот на рокот за пријавување. Ненавремената и некомплетната документација нема да биде разгледувана.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата