logo
logo
logo

16.03.2025 - Ден што ја зави Македонија во црно, се сеќаваме со болка и почит на сите изгубени, млади животи

Vecer | 16.03.2026

16.03.2025 - Ден што ја зави Македонија во црно, се сеќаваме со болка и почит на сите изгубени, млади животи

Ова утро пред точно една година Македонија ја разбуди најтрогателната вест. Со болка во душите и горчина во грлото сите посакавме тоа да било само лош сон. Но, за жал, пожарот во Кочани кој ни одзеде многу животи, не беше кошмар туку вистина. Вистина со која живееме цели 12 месеци.

Секоја мајка плачеше по жртвите како да се нејзини деца. Кобната несреќа ни одзеде цела една генерација, ни зацрни еден цел град, ни разлеа тага низ цела држава.

„Ако утре ме нема“ е песна која до пред таа ноќ ја пеевме сите кој колку може погласно. Од тој ужасен момент до денес, јас не можам да ги слушам стиховите кои сега значат нечии последни мигови. Борба за живот. Изгубена битка. Трагедија.

16-ти март е денот кој ја промени македонската ДНК. Што вели дефиницијата? „ДНК е молекула одговорна за наследување т.е. пренесување на наследните особини на организмите, одржување на видовите низ генерации и нивна евентуална менливост. Всушност, не се наследуваат својства, особини, туку се наследуват гени, наследен материјал, од кој во интеракција со средината се развиваат својства или особини“.

Од тој ден секој од нас наследува болка, тага, револт, ужас… Како лекција по историја ќе си ја пренесуваме кобната ноќ, како гени ќе го пренесуваме стравот кој гори во сите, како наследен материјал ќе ни остане ужасот кој го зафати ова мало парче земја.

Во очите на мајките кои загубија свои чеда живее најголемиот страв на секој родител. Нивните солзи се и наши солзи, нивната горчина ја чувствува секој од нас. Од тој ден, никој не живее исто. Разумните стравови кои секој родител ги има добија нова димензија. Сè посилно им ги стискаме рацете на помалите деца кога заедно минуваме улица, со поголеми грижи ги пуштаме да излезат надвор, на поголемите почесто им ѕвониме на телефон, да ги провериме.

Долго време не влегував во затворен простор. Почнав да правам работи кои никогаш до тогаш не сум ги правела. Без разлика дали сум во кафуле, на театар, во кино… гледам околу себе каде е најблискиот излез, има ли доволно простор да излеземе сите при евентуална тревога.

Ликовите на прерано згаснатите животи во секој од нас ќе останат додека сме живи. Во нивниот поглед од фотографиите се бараме себеси, таму ги гледаме нашите деца, браќа и сестри, татковци и мајки. Додека се зголемуваше бројот на жртви, не броевме само низ бројки. Тоа беа бројки на цели семејства кои ги загубија најблиските, броевме цели одделенија и класови кои остануваа без свој соученик, мајки кои останаа без деца, деца кои останаа без своите родители.

Додека се молиме за спокојот на нивните души, додека тагуваме по нешто кое не се преболува и палиме свеќи надевајќи се дека ќе им го осветлат патот на овие ангели, не смееме да заборавиме дека чекаме и правда.

Никогаш да не се заборави и да не се повтори.

Почивајте во мир, ангели македонски!

Стефанија Алексова, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Ѓоргиев, Александар Коларов, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Диме Димитријев, Никола Насевски, Тоше Богданов, Тоше Тодоровски, Ана Коцева, Адријан Живков, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Capa Пројковска Николовска, Марија Шопова, Петар Ивановски, Александар  Ѓорѓиев, Матеј Марковски, Бојана Закова, Ѓорѓи Василков, Александар Петров, Драгана Минова, Capa Алексова, Андреја Ѓорѓиески, Филип Ивановски, Capa  Јорданова, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Игор Велков, Лепа Тасева Стојковска, Мартин Мартин Атанасовски, Александар Алексов, Божидар Минов, Кети Милковска, Томас Златков, Стефанија Соколова, Леонид Велков, Надица Наунова, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Димитар Иванов, Спиро Стоименов, Јове Владимиров, Ице Андонов, Стефан  Тасевски, Ѓорѓи Величков, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Моника Спасова, Андреј Лазаров, Александар Карадакоски, Александар Гавриловски , Стојанче Стефанов, Владимир Блажев -Панчо. СЛАВА ИМ!

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk