Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во вестите на МРТ зборувајќи за 5-те тони дрога кои завршиле во Србија, а според српското обвинителство потекнуваат од Македонија, истакна дека тоа е сериозен случај како резултат на еден проект кој практично беше економска политика на владата на СДСМ и ДУИ и дека очекува деновиве МВР да излезе со запленети десетици тони дрога за која е констатирано дека незаконски е пуштена во промет или незаконски складирана.
- Тоа е еден озбилен случај. Тоа е еден проект кој во минатото го водеше претходната влада којшто ги доведе голем дел од граѓаните и инвеститорите во заблуда дека на тој начин ќе станат милионери, дека се ќе биде поинаку, економска трансформација. Тоа беше практично економската политика на владата на СДСМ и ДУИ. Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов којашто во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или пак на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани, потенцираше Мицкоски.
По нарко аферата, односно откако во Србија беа запленети пет тони марихуана, а за кои сомнежот е дека се изнесени од македонска компанија која имала лиценца за одгледување на медицински канабис, повторно се отвори прашањето за работата на овие фирми и за контролата врз нивната работа.
Македонската влада одговори колку вкупно фирми имаат ваква лиценца.
-Ви посочуваме дека во периодот од стапување на сила на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции (објавен во Службен весник на Република Македонија 27.12.2017 година) до 3 февруари 2026 година Владата донела одлуки за давање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели за 61 правно лице, одговорија од Владата.
На прашањето, пак, колку од овие компании се активни во моментот, а на колку им биле одземени лиценците, ни одговорија:
-Во Македонија во моментов има 43 правни лица кои одгледуваат канабис за медицински цели. Владата (вкупно досега) за 14 правни лица донела одлуки за одземање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, поради неисполнување на законските услови. Исто така, Ве информираме дека во тек е постапка за одземање на одобренијата за 4 правни лица, одговорија од Владата.
Иван Драгниќ, еден од српските државјанин, кој беше уапсен во голема полициска акција во Србија, за пет тони марихуана, а за кои сомнежот е дека е внесена од Македонија, има фирма во Скопје, односно е косопственик со уште тројца Срби.
Станува збор за фирмата ALPHAPHARM GROUP ДОО Скопје, која е основана во 2023 година, со основна главнина од 529.050 евра. Компанијата, е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.
Сепак, од податоците од Централниот регистер, се заклучува дека на фирмата не и одело толку добро, бидејќи работи со загуби. Последните податоци се за 2024 година, кога фирмата пријавила загуба од над 8 милиони денари.
Постои податок дека на 16 април 2024 година, во Службен весник на Македонија било објавено дека оваа компанија добила согласност за одгледување на канабис за медицински цели.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата