logo
logo
logo

Новиот државен обвинител Савески ќе бара ПОРЕТКО ДА СЕ ОДЛУЧУВА ЗА ЗАТВОРСКИ ПРИТВОР

Vecer | 23.03.2026

Новиот државен обвинител Савески ќе бара ПОРЕТКО ДА СЕ ОДЛУЧУВА ЗА ЗАТВОРСКИ ПРИТВОР

Мерката притвор, во правната теорија, претставува гаранција за обезбедување присуство преку ограничување на слободата на осомничено или обвинето, но de jure невино лице, затоа што има опасност да побегне, да го повтори делото кое му се става на товар или поради можност да влијае врз постапката.

Долгогодишна пракса во земјава е да се бара и да се одобрува притвор и тоа затворски, во висок процент од кривичните предмети кои ги води обвинителството, кога на власт е СДСМ.

Таквата политика низ годините имаше свои критичари и меѓу теоретичарите и меѓу практичарите, а токму новиот државен јавен обвинител Ненад Савески важеше за судија кој не ги прифаќаше секогаш таквите барања на обвинителството.

Во гостувањето на МРТ 1, говорејќи за модернизација на обвинителството, кажа дека притворот ќе биде една од темите за кои ќе воведе промени.

„Сето она што произлегува од праксата на Судот во Стразбур, односно одлуките, особено одлуките коишто се однесуваат и нè коригираат нас во постапувањето, секој јавен обвинител да ги има предвид“ вели Савески.

„Да, вклучително и на притворот, којшто се регулира со член 5 од Европската конвенција за човекови права и слободи“ вели Савески.

Ние сме сиромашна држава. Притворот е најригорозна мерка од мерките коишто ги нуди Законот за кривична постапка. Меѓутоа и најскапа, и најнехумана. Еден ден во притвор значи одвојување на парични средства од буџетот.

Како сиромашна држава треба да водиме сметка и за тоа. Да се однесуваме согласно нашите можности. Ако куќниот притвор може да ги задоволи потребите за обезбедување на конкретен обвинет во една постапка, зошто секогаш да почнеме од најстрогата мерка, којашто кажувам дека е најскапа и најнехумана?

Кога го спомнувам и тоа дека таа мерка сама по себе не е хумана, тука ги имам предвид и условите во коишто се издржуваат притворите. Нашите казнено-поправни установи, институциите каде што се издржува мерка притвор, според извештаите од меѓународниот фактор, не се на задоволително ниво.

Напротив, условите во коишто се издржуваат овие мерки се нехумани.

Тоа треба да се има во предвид за нас од финансиски аспект, за имиџот на нашата држава пред меѓународниот фактор од аспект на хуманост, и трета работа којашто е битна во притворот: секогаш треба да се има предвид, дека треба да се почне од најблагата мерка, па до најстрогата.

Прво треба да се елиминира најблагата, ако со неа не може да се обезбеди присуство на обвинетиот, па потоа… Јас, на пример, и како судија и претходно кога сум бил обвинител, сум бил поборник секогаш да применам поблага мерка, а мерката притвор да ја избегнам,“ вели Савески.

Тој вели дека не само што ќе се обиде да го пренесе овој пристап во јавното обвинителство, туку и дека ќе биде негов начин на воспоставување стандарди на постапување.

Соочен со фактот дека домашната јавност го доживува секој домашен притвор како заговор за политичка или друг тип поддршка, Савески изјави:

„Таа перцепција на јавноста и мене ми била предмет на анализа и веројатно се должи на сите претходни одлуки коишто ги носи јавното обвинителство или судството.

Меѓутоа, токму и затоа сакав да го објаснам мојот став на вака подетален начин за да разбере јавноста дека мерката притвор не оди секогаш со секое поднесување на обвинение или отворање на истрага“, вели Ненад Савески, државен јавен обвинител.

А, како да се спречат бегства?

„Па бегствата можат многу ефикасно да се спречат со гаранции. Гаранциите се доста ефикасна мерка за обезбедување присуство. Тоа е мерка којашто упатува токму на моиве ставови коишто претходно ги изразив. Доколку некој побегне, а оставил гаранција – тој имот, недвижен или подвижен имот, како и да е, има одредена вредност.

Таа вредност, доколку побегне, останува сопственост на нашата држава. Којашто, нели, ако можам така да се изразам, имаме финансиска состојба за којашто треба да водиме сметка – тие финансиски средства, тој капитал, со продажба на тој капитал, станува дел од буџетот и е на располагање на сите граѓани, вклучително и на правосудните институции“, вели Савески.

Почестата употреба на гаранцијата како мерка за обезбедување присуство наместо притворот, смета Савески, нема да придонесе за повеќе бегства особено од богатите, кои можат да си дозволат да ја остават гаранцијата. Според него, висината на гаранцијата се определува сообразно со висината на богатството.

Тој што создал капитал, логично е да се претпостави дека сака и да го задржи, вели Савески.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk