logo
logo
logo

ФЗО: Д-р Кузмановски има активен факсимил

Vecer | 15.10.2025

ФЗО: Д-р Кузмановски има активен факсимил

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) соопшти дека според нивната електронска евиденција, доктор Игор Кузмановски, разрешениот директор на Клиниката за неврологија, во здравствениот регистар е евидентиран како специјалист по неврологија со факсимил број 712680 и дека истиот е активен во рамки на договорот за обезбедување и плаќање здравствени услуги во специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита, склучен меѓу ФЗО и Универзитетската клиника за неврологија.

Факсимилот со број 712680, согласно евиденцијата на Фондот, е активен од 1 април 2010 година, со еден прекин во април 2018 година поради користење неплатено отсуство.

Одобрението за издавање на овој факсимил е дадено врз основа на официјално доставен список на лекари вработени во здравствената установа, потврден и заверен од страна на Клиниката за неврологија.

Истиот е доставен согласно активниот договор од 2020 година со важност до 2028 година.

Воедно, согласно член 3 од договорот склучен меѓу ФЗО и Клиниката за неврологија „обврска на здравствената установа е да обезбеди стручен кадар кој ги исполнува условите утврдени со актите на Министерството за здравство, меѓу кои и условот лекарите да поседуваат важечка лиценца за работа“, стои во соопштението.

Според актуелната постапка за издавање одобрение за факсимил, која се применува при склучување договори со јавни и приватни здравствени установи, неопходно е да се доставуви барање од самата установа, придружено со важечка лиценца за работа издадена од соодветната комора и заверена на нотар.

Со оваа процедура, Фондот го утврдува правото на издавање факсимил во согласност со законските прописи и достапната документација.

Фондот на 15.11.2024 година се обрати до Комората за електронско поврзување за преземање на сите активни лиценци, со цел превенција од незаконско работење и фалсификување на лиценци.

До ден денешен, Лекарската комора не одговори на барањето.

ФЗО останува доследен во примената на законските прописи, во секое време подготвен за соработка и транспарентна комуникација со медиумите и јавноста, се наведува во соопштението.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk