Ја живееме, ин виво, “Животинската фарма“ на Џорџ Орвел. Напишана и објавена во 1943. А еве, на најголема сцена, државна, сега се игра во Македонија. Приказната за животните кои ги избркале луѓето од фармата, создавале свое општество и поредок па почнале да се тепаат меѓусебе и делат на “важни“ и “поважни“ за, на крај, папсани да се вратат кај луѓето – за да преживеат.
До тогаш – и некако, но од “шарената револуција“ кога се случи насилна промена на власта, но и на целиот општествен систем на вредности затруен од моделот на екстремниот либерализам и падот на традиционалните вредности што донесе последици за државата, нацијата и труење на целото општество со немоќ, бес заради таа немоќ, поплава од ниски страсти и омраза кон се и секого.
“Животните“ од фармата на Орвел решија да владеат откако ги избркаа луѓето. Време е да се вратиме на нормалното, на природното. На фабричко подесување. Па, да почнеме.
Македонија својата современа држава ја има од 2. август 1944 година и првото заседание на АСНОМ. Првата влада ја предводел Лазар Колишевски.
На 29. ноември 1943, значи пред АСНОМ, во Јајце (Босна) е одржано Второто заседание на АВНОЈ на кое е донесена одлука народите: Македонци, Срби, Црногорци, Хрвати и Словенци да формираат свои држави, Републики, кои заедно ќе функционираат во Федерацијата Југославија. Плус Босна како мултинационална.
Време кога Словенија, Хрватска и Македонија ја стекнале својата современа државност. Потоа целиот свет ја потврди македонската нација и македонската современа држава. Вклучително Бугарија, Грција и Албанија.
Македонската држава се формира на простор на кој претходно се наоѓала Вардарска Бановина, дел од предводена Србија. Територија од која Србија доброволно се повлекува признавајќи и потврдувајќи дека е македонска а народот на таа територија – Македонци. И власт македонска.
Бугарија и Грција не се повлекле од Пиринска и Егејска. Да била Вардарска Бановина поширока и поголема и Република Македонија денес ќе беше таква.
Значи, да немало АВНОЈ ќе немало ни АСНОМ. И Европската унија е федерација па не гледам дека Германците или Французите не се народ или држава затоа што се во ЕУ и под централна власт во Брисел.
Ова е кратко набројување на факти, историски и меѓународно утврдени. Битни за помладите од 40 кои најчесто дозволуваат системот на вредности да им го формираат социјалните мрежи, Википедија и манијаците на тастатура што се експерти за се и сешто: од чешање муда во зима после секс, буџетска и фискална политика, фабрикување предавници и патриоти, до броење крвни зрнца кој е достоен и чист да биде Македонец, а кој треба “да се протера од Македонија“.
Со растурање на традиционалните вредности во општеството се отвори простор за “манијаците на тастатури“ и се јадеме меѓу себе од досада, лични фрустрации и фрлање фекалии врз секој наоколу за да се убедиме дека другиот е полош од нас.
Зошто? За да веруваме дека барем сите сме во иста шахта. А ако сме сите во таа шахта, ќе има ли некој надвор од шахтата да не повлече и спаси?!
Во Југославија Македонците беа равноправни во федералната власт, на секое ниво. Но, во Брисел не не примаат како Македонци. Дури ни како Северни нема да бидеме едни од еднаквите на асталот во Брисел.
Дали е ова југоносталгија? Не. Кој нема срце ќе ја мрази Југославија, кој нема памет ќе верува дека таа може да се обнови. Не може, и не треба. Брисел ни треба за да преживееме. Но, едно е преживување, а друго е живот со полна плуќа.
Во меѓувреме, додека Исток не отпиша а Запад не не запишуе, ние се јадеме меѓу себе. И тоа трае... и трае...и трае! Навреди, клевети, понижувања, рекла-казала.
Не сме ние уништувани ни од Грци ни од Бугари, ни од некои трети. Не. Тие само вршат свој интерес во село без кучиња. Слаби се тие колку сме ние јаки да се удриме сами себе, со ист камен по сто пати. А тие чекаа и дочекаа да паднеме.
Деновиве, во време кога Македонија има врвен економски раст на бруто домашниот производ, само две држави во Европа се подобри од нас годинава... Во време кога се гради автопат од Тетово до Гостивар плус се довршува оној од Кичево до Охрид, па и тој од Кавадарци до Прилеп и потоа до Битола... Време кога, како да сме биле Бијафра, се враќаат книги во школите и време кога после години патење има лекови за болните... Во тоа време СДСМ го плаши народот дека власта за 6 милијарди Евра од Британците ќе ја наполнела Македонија со протерани мигранти од Лондон. За да не се случи тоа, тие требало да бидат власт!
Нема потреба да докажувам спротивно. Нема таков план, и точка. Таков план имаа Заев и Филипче кои во 2018 година донесоа владина одлука да се гради камп за бегалци во Скопје, и во други градови. Се побуни јавноста и не бидна планот.
Ние имаме свои мигранти. Фирми кои добија закон и лиценци за увоз на странски работници во времето на СДСМ почнаа да ги примаат но, дојденците не видоа шанса за себе и во најголем дел заминуваат. Доаѓаа нови, и пак заминуваат најголем дел од нив. Тоа е пропис донесен од СДСМ, не е од оваа влада.
СДСМ реди абери во серија. Ја обвинува владата дека соработувала со Белград, прифаќале српски инвеститори во Македонија и ширеле “српски свет“, а пошто Србија за нив е соработник со Русија тоа е политички неприфатливо и пуштаат понуда до Брисел да му се даде “доверба“ на СДСМ, пак без победа на избори, да се врати на власт и да ги среди тие просрпски политики.
За награда да им биде замижување од Брисел пред нова нивна мега корупција. Мантрата е инаку авторство на ДУИ против ВРЕДИ, а СДСМ е традиционално нивни одработувач на терен. Аргати, како и секогаш.
Кога сме кај “српскиот свет“. Заев беше коавтор на Опен Балкан со Албанија и Србија, планирано плус Црна Гора и Босна. Опен Балкан, помеѓу економските придобивки, патем е и форма, политички модел за сите Албанци и Срби да бидат во ист економски простор.
ДУИ работеше со Срби и Србија секаде каде што имаше ќар: од дилерите до продавање на Шик Јелак Тетово за 2.000 станови и пола Шар Планина на “бизнисменот“ Миодраг Давидовиќ Дака, бивш началник на полицијата во Никшиќ и соработник на власта на Милошевиќ, помилуван (како и Заев) за кривични дела од тогашниот црногорски претседател Момир Булатовиќ.
Има десетици вакви “релации“ на ДУИ и СДСМ со “српскиот свет“. Еве ја едната од најновите. Инвестиција на Телеком Србија, една од најмоќните српски фирми во Македонија. Дојдоа тука после договор со Зоран Заев дека ќе добијат лиценца за трет мобилен оператор. Но, по “странска“ интервенција лиценца не добија.
Им се ветуваше, ги влечеа дека наследникот, В.Д. премиерот Д.К., ќе им ја даде и плаќаа богами здраво за да се одржи ентузијазмот.
За пример: 500.000 евра за маркетинг доби формата Токио, блиска до ВД. премиерот Д.К., кои се употребија за кампања, од билборди до спотови, против Мицкоски. И плус, ситно, едно 250.000 евра се потрошија за влијание во јавноста од кои најголем дел собраа портали и “експерти“ како Петар Арсовски дебелиот, до коска “соросоид“, кој беше дел од тимот за промоција на СДСМ и ДУИ. Па...?
Кампањата против Србија е нивна, на СДСМ и ДУИ, по паѓањето од власт да се добие поддршка од Брисел. На секое можно поле, од култура па дури и на естрадата. “Цеца е српска циганка, да и се забрани влез во Македонија...“, “Аца Лукас е пијаница, ние си имаме свои пејачи и треба се забрани и ограничи таквите да влегуваат во Македонија...“. Политика која се сведува на вкус е чист хаос.
Во Софија настаните се следат внимателно, и поддршката е забележителна.
Се чека предсмртно и посмртно концерт на Ролингстонси во Скопје, тие се лика и прилика на музичари без дрога, алкохол и педофилија. Пример за младите.
Естрада не е уметност за државата да ја штити или финансиски помага. Тоа е бизнис, индустрија е. Како и новинарството. Слободен пазар – слободен избор.
Самоуништивањето продолжува... “Шарените манијаци на тастатура“ тераат а наивните им се лепат на пропагандата. Не се само Србите кабает. Лоши се Власите со “влашкото лоби“... Заборавајќи дека во врвот на Илинденското востание се Власи. Не чинат егејците, си даваат права повеќе од домородните Македонци... Се заборава дека Гоце Делчев е – егеец. И така натаму... И се со цел да се создаде апатија, колективен гнев и разочарување па што и да направи власта да легне на лош терен, да не се забележи, да владее бес кон се и секого.
Во таков амбиент лесно ќе се протурка бугарското вето и прости корупцијата на СДСМ и ДУИ. Ако сите околу нас ни се душмани еден повеќе не е причина да се замислиме и браниме. Но, самоуништувањето има свој крај. Како и се друго.
Имам доволно стаж, докажани резултати и авторитет да потврдам и порачам: Овие сега на Илинденска се последна шанса. П-о-с-л-е-д-н-а шанса самоуништувањето да запре. Ако ги сопнеме со нови “мантри“, “експерти“, рекла-казала, омраза кон сите околу нас и “шарени револуции“ нови (нормални) нема да има.
Тоа, освен кон ВМРО, сегашниов “шарен“ СДСМ го прават и кон своите за да не се вратат и да ја нормализираат партијата. Шарените владеат во СДСМ со правила кои се далеку од корените на пртијата. Без правила.
Затоа СДСМ и не може никако да собере тим за работа. ВМРО собра тим, и работи. Да оставиме да сработат во добиениот мандат, па ќе цениме. А ако, патем, успеат да го спасат општеството од социјалново лудило, ете шанса и за СДСМ по враќање на нормалноста и нивните нормални да влезат во партијата.
Во спротивно, сите ќе бидеме нечии мигранти кои никој не ги сака кај себе. Мигрантите не се родени како мигранти, станале такви во општество кое е уништено. Самоуништено.
Д.П. Латас (14.12.2025)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата