logo
logo
logo

Цена на сеирот

“Нека даде оставка да не пукаме со бомбите. Од бомбите ќе се разведе пола држава!“

Vecer | 28.12.2025

“Нека даде оставка да не пукаме со бомбите. Од бомбите ќе се разведе пола држава!“

Нелегално прислушкувани телефонски разговори кои во 2015-та почнаа да се објавуваат во склоп на “шарената револуција“ за дискредитација на политичките и јавни противници на СДСМ беа, наводно, строго чувани и сите предадени на СЈО со гаранција дека никој друг нема да ги има и - нема да се објавуваат.

СДСМ се пофали дека во посед има над еден милион прислушкувани телефонски разговори и дека сите се предадени во СЈО но, постапките пред судот и изјави на некои обвинители од СЈО покажаа дека ни половина од тој број не се во нивни посед а документацијата била “уништена заради поплава“ во подрумот на седиштето на СЈО.

Прислушуваните разговори станаа предмет на трговија, видни функционери на СДСМ и ДУИ кои имале пристап до нив ги продавале на други кои ги користеле за рекет врз бизнисмени, други политичари, новинари, судии, обвинители... создавајќи ланец на уценувани луѓе кои плаќале со пари или биле приморани да вршат услуги и влијание во јавноста за потреби на СДСМ и ДУИ, особено обвинителите и судиите.

Љупчо Палевски Палчо, осуден како лидер на група за убиство на малата Вања Ѓорчевска поседувал над 50.000 туѓи телефонски разговори. Се појавија докази дека низ Стара Чаршија во Скопје се продаваат ЦД-а со телефонски разговори па така еден од нив беше објавен како компромитирачки разговор помеѓу Муса Џафери и Ермира Мехмети и повеќе компромитирачки разговори од извесен Ел Чапо помеѓу Али Ахмети и неговите соработници. 

Дека телефонските разговори биле строго селектирани во штабот на СДСМ а потоа предадени на СЈО или продавани, доказ е дека се слушнаа разговори за се и сешто, па и за сосема приватни релации, за многумина но, никогаш телефонски разговори од Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Петре Шилегов или Венко Филипче... и јавноста никогаш не доби прилика да дозне од “телефонските разговори“ детали и активности на другата политичка страна, на СДСМ за да има увид во нивните животи и бизниси и изграден став за тоа.

Познато е, и објавувано, дека и припадник на МВР во време на власта на СДСМ во 2022 и 2023-та нудел за продажба над 60.000 телефонски разговори. Контактиран е од новинари за да се провери веста што е и потврдено, а постојат сознанија дека лице од Македонија, познато на македонската јавност а веројатно и на АНБ, ги преземало тие телефонски разговори и во 2022/23 и ги предало во Софија во седиштето на партијата на Каракачанов за што примило и пари. 

Пред суд, во постапка, некогашниот полициски функционер на СДСМ, Зоран Верушевски“ изјави дека тој ги нарачувал и добивал телефонските разговори од двајца негови соработници во ДБК кои снимале тајно, за свои потреби, и кои пред смена на власта беа уапсени а едниот и осуден но, со доаѓање на власт СДСМ ги ослободи од обвиненијата и ги награди со јавно признание. 

Патем, Верушевски пред судот, изјави дека дел од она што се објавува е - монтирано и не одговара на оригиналните снимки. Никој, освен двајцата соработници на Зоран Верушевски и СДСМ во Државната безбедност, не е осуден за прислушкување на разговорите.

Користењето и злоупотребата на тие телефонски разговори за уцена и рекет е масовно. Дека фајловите со телефонските разговори не биле “само кај Зоран Заев“ кој ги чувал, како што тој и самиот изјави или заштитени во СЈО, доказ е и изјавата од соработник на Данела Арсовска, доскорешна градоначалничка на Скопје кој изјави дека за содржини од разговорите дознала од Петре Шилегов од СДСМ кој не би требало да знае за нив.

Во емисијата „Претрес со Ландов“, Драги Митковски-Книга, долгогодишен близок пријател на Никола Груевски а потоа најблизок соработник на Данела Арсовска, зборуваше за периодот на „бомбите“, за односите со поранешниот премиер, како и за своето сведочење пред Специјалното јавно обвинителство.

Одговарајќи на прашањето како се чувствувал кога ги слушал прислушуваните разговори во кои се спомнува Груевски, но и трговијата со влијание „ти мене – јас тебе“, Драги Книга призна дека чувството било непријатно. Раскажа дека во моментите кога почнале да се објавуваат „бомбите“ бил во Сандански. Кога се вратил случајно се сретнал со Петре Шилегов.

Ми рече да му се јавам на другар ми да си даде оставка. Го прашав зошто? Ми вика – па слушаш ли бомби? Му реков дека слушам, ама дека со бомби ќе ја разведат пола Македонија“, раскажа Драги Книга

Ако “другарот“ не даде оставка следат - бомбите... Уцената е и кривично дело во случајов од највисоко ниво но, народ кој има поголем мерак за сеир отколку за правна држава, примена на закон и заштитена приватност пред се заради себе и своја безбедност, тој и таков народ реши сеирот да пресуди. И - пресуди. Последиците од тој сеир и таа пресуда ги чувствуваме веќе десет години.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk