Визијата за Македонија 2030 е визија за стабилна, продуктивна, правична и европски позиционирана држава, со економија што расте на знаење и труд, со институции што опстојуваат над политичките циклуси, со самосвесен национален идентитет, со зелен и технолошки развој, и со општество што верува во заедничката иднина, истакна во својот говор на 18. конгрес на ВМРО-ДПМНЕ лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
-Оваа визија не е декларација. Таа е рамка за политичко дејствување. Таа бара политика што е сериозна, континуирана и спремна да ја стави државата пред дневната добивка. Токму во тоа се мери зрелоста на една политичка сила, а во следните години тука ќе се мери и зрелоста на Македонија, нагласи Мицкоски.
Периодот 2025–2030 е стратешка раскрсница за државата. Во свет на променети геополитички рамнотежи, нови економски модели и еволуирани демократски стандарди, Македонија може да напредува само ако има политичка сила што води со јасна визија и со чувство за историскиот момент.
ВМРО-ДПМНЕ, како најголем носител на државноста, ја презема таа улога со целосна свест за одговорноста која ја носи секој следен чекор. Партијата влегува во новата декада со уверување дека политичката зрелост не се мери со реторика, туку со способност да се трасира правец што ја штити државата денес и ја јакне за утре.
Визијата за современа Македонија почива на јасни принципи: држава што го чува својот идентитет; држава што ја брани својата суверена позиција; држава што ја гради својата европска перспектива врз основа на партнерства, реформи и достоинствено претставување.
Во оваа рамка се содржани надежта, реализамот и одговорноста што мора да ја водат политиката во следната декада. Македонија може да биде силна, конкурентна и стабилна држава – но тоа бара работа, постојаност и политичко лидерство што не се води од дневни импулси, туку од стратешка мисла.
Историското наследство на македонската државност не е сентимент или украс. Тоа е обврска. Од Илинденската идеја, преку АСНОМ, до независноста во 1991 година, секоја генерација ја има истата должност: да ја штити државата институционално, безбедносно, економски и културно. Историјата не е товар, туку темел врз кој се гради современата национална самодоверба.
Наследството на борбите за слобода, јазик, државност и културна самобитност создава три обврски за денешната генерација:
-Да се зачува континуитетот и достоинството на македонската државност и идентитет;
-Да се модернизира државата така што ќе биде отпорна на надворешни притисоци и внатрешни слабости;
-Да се спречи злоупотребата на историјата за дневнополитички цели.
Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој. Напротив, тоа е најсилен мотив државата да биде поефикасна, поорганизирана и повредносно кохерентна. Жртвите и идеалите на претходните генерации ја прават сегашната неефикасност, институционална слабост или корупција уште понедозволиви.
Македонската државност е создадена низ долг, тежок и историски скап процес. Затоа мора да се разбере како проект што се брани секој ден – преку силни институции, функционална правна држава, стабилно општество и јасна, самоуверена надворешна политика. Држава што ја губи историската свест не може да опстои.
-Македонија е држава изградена врз европските вредности, слобода, демократска традиција и владеење на правото и затоа нејзиното место природно е поврзано со евроатлантското семејство. Но европската и евроатлантската интеграција не смеат да се сведат на пасивно прифаќање или безусловна зависност. Малата држава може да биде силна држава ако има самодоверба, чувство за сопствена тежина и јасен став за своите интереси. Македонија мора да знае да каже „да“ кога тоа е во нејзина корист, но и да каже „не“ кога се нарушуваат нејзините принципи, достоинство или идентитет, рече Мицкоски.
Партнерството со НАТО и ЕУ може да биде силно само ако е рамноправно. ВМРО-ДПМНЕ не е радикална десница, ниту класичен конзервативизам затворен во минатото. Центар-десната модернизација подразбира држава што ги зачувува вредностите, традицијата и идентитетот, но истовремено гради динамична економија, иновативна администрација и институции што ја штитат слободата, приватната иницијатива и достоинството на граѓанинот, појасни Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ се позиционира како политичка сила што ги обединува најдобрите традиции на европската конзервативна мисла: развој без идеолошка агресија, патриотизам без исклучивост, економија што создава можности и држава што обезбедува поддршка за најранливите.
Македонија може да биде европска само ако е стабилна во својата самосвест и сигурна во сопствениот идентитет. Во европската традиција на народните партии, националното не е етноцентричен инструмент, туку демократски израз на заедничка историја, култура и политичка волја. За Македонија ова е особено важно: државата е млада, изложена на историски искушенија и често соочена со обиди за релативизирање на нејзиното постоење.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ ја поставува следната стратегиска линија:
-Националниот идентитет не е предмет на преговори; почитта кон другите идентитети е вредност, но не на сметка на сопствениот;
-Јазикот, историјата и културата се фундаментални државни столбови;
-Компромисите во меѓународната политика може да бидат технички, но не смеат да бидат суштински;
Државното достоинство не е реторика, туку практична политика, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата