logo
logo
logo

Обезбедување на некогашниот „Сојуз за Македонија“

УАПСЕН ликвидатор на Сеат Ибраими и ДЕМОЛИРАЧОТ НА „ХАРД РОК“ - Ацо Боцевски, познат под прекарот „Циганот“

Vecer | 26.05.2025

УАПСЕН ликвидатор на Сеат Ибраими и ДЕМОЛИРАЧОТ НА „ХАРД РОК“ - Ацо Боцевски, познат под прекарот „Циганот“

Македонскиот државјанин Ацо Боцевски, познат под прекарот „Циганот“, кој беше во бегство повеќе од две децении за убиство и кој како обезбедување на некогашниот „Сојуз за Македонија“ е учесник во фамозното демолирање на дискотеката „Хард рок“ во далечната 1994 година, е уапсен во грчкиот град Катерини, потврди МВР. Од полицијата велат дека денеска нивните грчки колеги ги извесиле дека го лишиле од слобода Боцевски.

„Денеска (26.05.2025) од страна на грчката полиција сме известени дека го лишиле од слобода Ацо Боцевски кој беше баран со меѓународна потерница по наредба на Основен суд Скопје І од 30.06.1998 година за издржување казна затвор во траење од 15 години за извршено кривично дело по член 123 (убиство) од Кривичниот законик на РСМ“, велат од МВР.

Боцевски беше осуден за убиство на Сеат Ибраими, извршено среде бел ден во ноември 1997 година во центарот на Скопје. На убиството му претходела кратка автомобилска брканица низ скопските улици, по што Ибраими, управувајќи „мерцедес“, излетал од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби“. Боцевски, кој управувал „корвета“, застанал зад него, излегол од возилото, и ладнокрвно го застрелал Ибраими со повеќе истрели, испразнувајќи цел шаржер од пиштолот.

Иако беше осуден, во 1998 година, додека на власт беше СДСМ, Боцевски побегна откако му беше дозволен домашен притвор, и со години успешно го избегнуваше органите на прогонот. За него беше распишана една од најстарите меѓународни потерници на веб-страницата на МВР.

Ацо Боцевски Циганот имаше завидна кариера во време кога министер за внатрешни работи беше Љубомир Фрчковски.

Неговиот врв беше достигнат на изборите, во октомври 1994 година како обезбедување на тогашниот „Сојуз за Македонија“ и подоцна при демолирањето на дискотеката “Хард рок”, кон крајот на ноември истата година, пред самото свечено сезонско отварање на кое се очекуваа видни личности од политичкиот живот.

Кон крајот на 1994 година околу прашањето кој ангажирал криминалци за заштита на предизборните митинзи, тогаш се случи а и првата посериозна кавга меѓу тогашната Либерална партија и СДСМ во Сојузот за Македонија.

Во јули следната година, МВР едноставно стави клуч на “Хард рок”. За петмина од вандалите истрагата се откажа од гонењето, а двајца беа во бегство. МВР поднесе само прекршочни пријави. Во меѓувреме, случајот се заборави, а Сојузот за Македонија пропадна.

Со апсењето на Ацо Боцевски, се очекува екстрадиција во Македонија, каде треба да ја доиздржи затворската казна.

Фото: Илустрација, МВР

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk