logo
logo
logo

ОПОМЕНА ДО МИНИСТРИТЕ КОИ НЕ ДАВААТ СЀ ОД СЕБЕ - ќе бидат сменети

Vecer | 25.03.2026

ОПОМЕНА ДО МИНИСТРИТЕ КОИ НЕ ДАВААТ СЀ ОД СЕБЕ - ќе бидат сменети

Владата го дава максимумот иако премиерот Христијан Мицкоски вели дека има дилема за одредени поединци, кои ги опоменува и најавува дека доколку не се коригираат ќе бидат сменети.

– Ние кажувавме, состојбата е тешка. Ние не сме чудотворци да ветуваме чуда. Тоа јавно на митинзи сум го зборувал. Тој што ви ветува чуда не ја говори вистината, но дека ќе дадеме сѐ од себе, тоа да бидете сигурни. Јас се будам и заспивам со таа една мисла, дали даваме сѐ од себе, дали сите даваат сѐ од себе. Кај поединци имам дилема, имам задршка. И кај тие што имам дилема и задршка ги опоменувам дека имам чувство дека можат повеќе да дадат – потенцираше Мицкоски во интервју за „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.

Тој додаде дека оваа генерација нема повеќе простор за реприза и за да се дојде до состојбата на консолидирање мора офанзивно да се работи и да се испорачува.

– Ние немаме право на реприза. Едноставно нема повеќе простор. Оваа генерација нема повеќе простор за импровизации и за репризи. Мора офанзивно и мора да се испорачува и мора да се даде повеќе од што можеме за да дојдеме до состојба на консолидирање. Ако е природно да се работи 5 дена во неделата по 8 часа, сега ќе се работи 7 дена во неделата по 12, 13, 14 часа. Тоа е начинот на којшто мора да функционира оваа влада. И тогаш кога народот ќе види дека вие го оставате срцето на терен, тогаш ќе ви прости сѐ. Ќе рече се трудат, секоја чест. Ако видат дека вие се однесувате надмено, не одговарате на пораки кога ќе ви пратат, колку и тие пораки да ве оптоваруваат, колку и да се за вас бесмислени, ако вие не им вратите, не им посветите внимание, не се поздравите, не стегнете рака на улица, тоа нема да ви го простат никогаш – нагласи Мицкоски.

Запрашан за тоа дали има задршки за некои конкретни имиња во контекст на најавената реконструкција, Мицкоски одговори:

– Имам да, точно и како што кажав, тоа сум го кажувал лично. Не зборувам само во рамките на Владата, туку и во рамките на институциите коишто се дел од Владата, затоа што мислам дека поединци не се вложуваат доволно или пак се однесуваат несоодветно на тоа што треба да се однесуваат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk