Новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на редовна седница избра повеќе претседатели на партиски комисии, при што за претседател на Комисија за здравство избран е Сашо Клековски, за претседател на кадрова комисија е избран Благоја Ташаминов, претседател на комисија за безбедност и одбрана е Панче Тошковски, додека нов претседател на комисијата за туризам е Аккан Махмут.
За претседател, пак, на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје бил избран Златко Перински.
„Во рамките на кадровските освежувања, Извршниот комитет донесе одлука за распишување огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и генерален избор на претседатели на сите општински комитети.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша на својот Фејсбук профил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
На седницата на Централниот комитет на партијата одржана во петокот, беше избран нов Извршен комитет, додека за генерален секретар беше избран Драган Ковачки. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиуми истакна дека одлуките донесени на седницата на ЦК на партијата се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата