Буквално пред кабинетот на градоначалникот, на само 30 метри од општината, се случува урбанистички криминал кој го гледаат сите жители на Центар, но за кој актуелниот градоначалник Горан Герасимовски и градежната инспекција молчат, обвини денеска портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.
Пред очите на јавноста се уништуваат дрвја, се узурпираат тротоари и јавни површини, а приватниот интерес повторно е ставен над интересот на граѓаните, посочи Мемов.
– Сведоци сме на узурпација на јавен простор, уништување на зеленило и изградба на дивоградби, токму пред очите на општината, без никаква транспарентност. Затоа јавно го повикуваме актуелниот градоначалник Горан Герасимовски да ја објави целокупната документација поврзана со Хотел „Маџо“ – од барањето за градба и доградба на т.н. летна тераса, која всушност е ресторан, преку сите акти за пренамена во хотелско сместување, донеговите лични потписи на одобренијата за доградба. Да излезе пред центарци и да покаже документи и аргументи за тоа како е дозволено да се догради аголот од објектот во парцела 22.1 и да се изврши целосна реконструкција на соседниот објект (парцела 22.10), додека јавните површини се користат за градежните активности и зеленилото се уништува – повика Мемов.
Тој додаде дека фактите зборуваат и ситуацијата на терен е кристално јасна.
– Според ДУП „Дебар Маало 2“ на градежната парцела 22.1 е предвидено дворно место, а денес таму гледаме узурпација за угостителски намени со цврста градба. На парцелата 22.10 се изведуваат работи како целосна реконструкција – фасада, кров, внатрешност. Поставени се и надворешни скали, и тоа на тротоар, кој е јавна површина. За време на овиеинтервенции исечени се две дрва и оштетен е косник од бандерата – потенцира Мемов.
Дали општинската градежна инспекција воопшто постапила по овој случај, праша тој.
– Дали е извршен инспекциски надзор, и ако е – кои се заклучоците? Дали е издаден налог за стопирање на градежните работи и за санкции, или пак, градежната инспекција при Општина Центар свесно молчи и дозволува објектот да расте пред очите на јавноста? Господине градоначалник, како е можно вакви интервенции да се одвиваат пред вашиоткабинет, а општината да молчи – праша портпаролот на ЗНАМ.
Мемов рече дека сето ова е доказ за соучесништво и за штитење на приватни интереси на сметка на јавниот простор. Нагалси дека центарци имаат право да ја знаат вистината идека мора да се престане со молкот и со селективната правда.
– Доста е со политичка глума и манипулации. Горан Герасимовски, излези конечно пред граѓаните. Дали ова е твоето ветување – јавен простор за приватни бизниси? Дали ова е твојата визија – Центар без зеленило, без воздух, без иднина? Ова е понижување за сите жители на Центар кои ти дадоа доверба, а години наназад добиваат бетон наместо парк, дивоградби наместо ред, корупција наместо правда – рече Мемов.
Граѓаните знаат и Центар знае, додаде Мемов.
– На 19 октомври граѓаните ќе изберат човек кој навистина ќе работи во интерес на Центар, за граѓаните, за нивните соседи, семејства и за зачувување на јавните простори изеленилото – рече портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов на денешната прес конфернција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата