Албанија, Италија, Бугарија, Северна Македонија и Романија потпишаа Заедничка декларација за Коридорот 8 во Тирана, дефинирајќи го како стратешка оска за поврзаност, економски развој и безбедност на регионот.
Петте земји ја потврдија својата посветеност да го претворат Коридорот 8 во функционална артерија на трансевропската транспортна мрежа со директна релевантност за постепената интеграција на Западен Балкан во Европската Унија.
Македонија ја претставуваше министерот за надворешни и меѓународна трговија Тимчо Муцунски.
Како што соопшти Министерствто за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски на состанокот присуствувал на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, а присутни биле и министрите од Италија, Бугарија и од Романија.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија, е суштинска за Коридор 8 да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцирал дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор било посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Била истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент бил ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласиле дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор 8.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата