logo
logo
logo

Коцевски откри детали за новите случувања поврзани со трагедијата во Кочани

Vecer | 20.11.2025

Коцевски откри детали за новите случувања поврзани со трагедијата во Кочани

Голема полициска акција вчера и денес ја „стресе“ Управата за јавни приходи. Главниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, откри дека се води предистражна постапка против службеници од УЈП кои, според првичните информации, на некаков начин се поврзани со предметот што произлезе од истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани.

Коцевски потврди дека утрово биле приведени околу десетина лица, а паралелно биле извршени претреси на нивните домови и работни места.

– Во моментов можам да кажам само дека станува збор за вработени во УЈП. За точните кривични дела допрва ќе се утврдува, но првичните сознанија покажуваат злоупотреба на службена положба и овластување, како и примање и давање мито – изјави обвинителот.

Тој објасни дека дел од приведените се поврзани со електронски комуникации и пораки кои претходно се појавија во јавноста, а дел од нив веќе биле доставени и во судот.

– Тоа беше само дел од материјалот за предметот, но сега гледаме дека дел од тие пораки се врзуваат и со овие лица. Оваа постапка е директно поврзана со предметот за Кочани – додаде Коцевски.

Обвинителството засега не открива имиња. Генералиите, како што рече Коцевски, ќе бидат објавени дури по формалното документирање на приведените, а за тоа какви мерки ќе бидат предложени ќе се решава по земањето на нивните изјави.

Предметот официјално ќе се води во Обвинителството во Кочани, бидејќи таму е извршено евентуалното кривично дело.

– Доколку се појават нови елементи, можно е предметот да го преземе Обвинителството за организиран криминал. Засега останува во Кочани“, појасни Коцевски.

Тој нагласи дека овој случај не може да се спои со главната истрага за пожарот во дискотеката, затоа што се работи за различни кривични дела, злоупотреби, мито и поткуп, односно нешта кои немаат директна врска со самата несреќа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk