„Предвремени парламентарни избори нема да има, граѓаните минатата година јасно ја изразија својата волја. Имаме стабилно мнозинство во Собранието, министрите и именуваните лица коректно ја вршат работата и заради тоа не гледам причина зошто да има предвремени избори“.
Вака истакна вицепремиерот Александар Николоски, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“.
Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се стабилни. Во однос на внатрепартиските препукувања во албанскиот коалиционен блок, рече дека тоа се внатрешни проблеми кои не влијаат на работата на Владата и проектите.
– „Владата е стабилна, тука прашањето има три дела. Само ВМРО – ДПМНЕ да го гледаме, ние сами би можеле да водиме влада. Дали е политички или опортуно тоа е друго прашање, сега зборуваме за бројки. Втора компоненета е заедно со ЗНАМ. Сега имаме стабилно мнозинство, ако на тоа дадеме уште 6 пратеници на ЗНАМ тогаш сосема е јасно за стабилна Влада. Но, реалноста во Македонија е друга, тоа е што е. Добро е да има и партнери од албанскиот блок. Во овој момент мислам дека 4-те партии кои што се од коалицијата Вреди си ја завршуваат својата работа во рамки на Владата, министрите и другите именувани лица работат коректно и добро си ја работат работата и ние немаме забелешки. И сè додека е така, не гледам ниедна причина да има рекомпонирање во рамки на Владата. Тоа што тие имаат внатре помеѓу себе несогласувања и тие не се насочени кон Владата туку кон локалните избори, тоа се работи што треба да си ги решаваат меѓу себе- истакна вицепремиерот Николоски.
Вицепремиерот упати јасна порака, место за ДУИ во Владата нема да има. Сите кои би соработувале со ДУИ, ќе одат во опозиција, потенцираше тој.
– Ако некој мисли дека ќе имаме Влада со сите политички субјекти на Албанците, не мислам дека тоа е реално. Ако некој од партнерите во Вреди мисли дека може да соработува со ДУИ и на тој начин директно да е во Владата и тоа не е реално и ние таа политика ќе ја држиме до крај оти дадовме ветување дека ДУИ ќе ги држиме надвор од Владата и тие 4 години тоа ветување ќе го одржиме. Ако некој мисли дека треба да соработува со ДУИ тогаш ќе е во опозиција, но до овој момент ние немаме најава од Таравари дека ќе оди во коалиција со ДУИ. Ако тоа се случи тогаш ќе оди во опозиција – истакна вицепремиерот Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата