logo
logo
logo

Димитрија Чуповски: ГЛАС КОЈ ВЕК И ПОЛОВИНА ЈА СЛЕДИ МАКЕДОНИЈА

Vecer | 24.11.2025

Димитрија Чуповски: ГЛАС КОЈ ВЕК И ПОЛОВИНА ЈА СЛЕДИ МАКЕДОНИЈА

Димитрија Чуповски е личност која во македонската национална историја остави вечна и неизбришлива трага. 

Димитрија Чуповски (8 ноември 1878 во Папрадиште — 29 октомври 1940 во Ленинград) е македонски национален деец, општественик, револуционер, политичар, дипломат, публицист, научник, издавач, историчар, картограф и филолог и еден од најистакнатите и најдоследни организатори и афирматори на македонската национална мисла.

Чуповски е силен заштитник и бранител на македонската национална самобитност и посебност, а по поделбата на Македонија во 1913 година, силно се залагал за нејзино обединување и конституирање како национална држава на македонскиот народ.

Познат и како Димитрија Павле Чуповски или Димитрија Димов Чуповски.

Чуповски е член-основач и претседател на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (1902–1917), член-основач и претседател на Словеномакедонското национално-просветно друштво „Св. Кирил и Методиј“ (1912–1913), член-основач на Руско-македонското благотворно друштво „Св. Кирил и Методиј“ (1913–1914) и член-основач и претседател на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград (1917–1924), но и потпретседател на Друштвото за помош на почетниците литератори, артисти, уметници и научници на Русија (1915) и редовен член на Санкт-петербуршкото словенско благотворно друштво, на Друштвото за словенска заемност и на други руски асоцијации.

Димитрија Чуповски е роден во 1878 година во велешкото село Папрадиште и тоа откако неговиот татко бил убиен од страна на албански платеници.

Кога имал десет години неговото родно село било изгорено од албански качаци и семејството му се сели во Крушево, родното место на неговата мајка. Тој го започнал своето образование во родното село, потоа по преселбата го продолжува во Крушево каде и го научил молерскиот занает. Потоа тој и неговите браќа заминуваат на печалба во Софија, каде го продолжил своето дообразование кај „Лозарите“ во 1892 година.

Во престолнината на штотуку создадената бугарска држава, Димитрија дење работел, а ноќе го посетувал училиштето што било организирано за Македонците од страна на Даме Груев, Петар Поп Арсов и други будни македонски студенти.

Така, покрај образованието, Димитрија имал можност да навлезе подлабоко и во македонското ослободително движење, со што бил зацртан неговиот иден животен пат.

Своето образование го продолжил во Белград во вечерната светосавска учителска школа каде, меѓувремено, членувал и во ученичко друштво „Вардар“ во периодот од 1893 до 1894 година. По завршувањето на образованието во Белград, Чуповски се вработил како учител во своето родно село, во Папрадиште и предавал во учебната 1895/1896 година.

Но, тоа учителување е краткотрајно бидејќи е затворен во затвор под обвинение дека работи со револуционерното движење. Чуповски по кратко време успева да избега од затворот и преку Белград се упатува за Русија.

Во Русија, Димитрија се запишал во Духовната богословија во Новогород и во Симферопол во периодот од 1897 до 1900 година. По овие семинарии, Чуповски своето високо образование го продолжува на Петербуршкиот Универзитет, но набрзо е исклучен од програмата поради учество во студентски штрајк кој се одвивал во 1905 година.

Димитрија Чуповски (1878-1940), до него стои неговиот брат, Наце Димов (1976-1916), и нивниот близок пријател и соработник Гаврил Тасев (1881-1918) од Костурско, сликани на 21 март, 1913 година во Санкт Петербург.
Димитрија Чуповски (1878-1940), до него стои неговиот брат, Наце Димов (1976-1916), и нивниот близок пријател и соработник Гаврил Тасев (1881-1918) од Костурско, сликани на 21 март, 1913 година во Санкт Петербург.

Чуповски бил иницијатор и прв претседател на Славјанско-македонското научно литературно друштво, основано во Петроград во 1902 година. Го основал и Национално-просветното (1912) и Руско-македонското друштво (1914) во Петроград, а во периодот од 1912 до 1915 година на руски јазик го издавал списанието „Македонски глас“ (Македонскiи голосъ).

Димитрија Чуповски починал во Ленинград (Санкт Петербург), на 29 октомври 1940 година како турски поданик, изнесен за погреб прекриен со знамето на Македонската колонија изработено во 1914 г. На крстот син му му ги напишал зборовите што самиот му ги поставил на брата му Наце: “Борец за правото и слободата на македонскиот народ“.

Од денешна перспектива, доколку се земат предвид постојните негирања на македонските особености – јазик, историја, култура итн., активностите на Димитрија Чуповски имаат уште поголемо значење, затоа што тој во еден од најкритичните моменти на Македонија и македонскиот народ, многу кристално јасно ги заштитуваше и промовираше македонските политички и национални интереси пред светот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk