Д-р Жан Митрев учествуваше на Првиот конгрес за педијатриска кардиологија и кардиохирургија што се одржа во Приштина, Косово, каде на посебен панел го сподели 26-годишното искуство и резултати на Болницата Жан Митрев во третманот на срцеви заболувања и во лекувањето на вродени срцеви заболувања.
Пред истакнати медицински професионалци од Косово и од регионот, д-р Митрев ги презентираше достигнувањата на Болницата Жан Митрев и резултатите постигнати во изминатите 26 години во областа на кардиоваскуларната хирургија.
Во своето обраќање, тој се осврна на развојот на болницата од нејзиното основање до денес, истакнувајќи дека од 2000тата година се реализирани над 15 000 кардиоваскуларни интервенции, како и над 10 000 други процедури. Во Болницата Жан Митрев досега третман добиле повеќе од 3 милиони пациенти.
Посебен акцент беше ставен на третманот на вродени срцеви заболувања, тема што беше во фокусот на конгресот. Д-р Митрев посочи дека во болницата досега се третирани околу 1 570 случаи со вакви аномалии, а годишно се реализираат околу 1 000 операции на срце и околу 800 васкуларни процедури.

Тој зборуваше и за континуираниот развој на дијагностиката и хируршкиот третман, нагласувајќи дека од 2007 година болницата значително напредувала во користењето на КТ-дијагностика, а во покомплексни случаи се применува и 3Д-реконструкција на срцето како дел од подготовката за третман.
Во рамки на презентацијата беа споделени и два случаи на бебиња од Косово успешно третирани од ретки срцеви заболувања, со што беше нагласено значењето на експертизата, навремената дијагностика и регионалната соработка во третманот на најсложените кардиоваскуларни состојби.
По презентацијата, д-р Митрев разговараше со учесниците на конгресот, одговараше на прашања и ја истакна важноста на професионалната размена меѓу лекарите од регионот. Споделувањето искуства, особено во областа на вродените срцеви заболувања, останува клучно за унапредување на третманот и за подобри резултати кај пациентите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата