Владата на една од последните седници и дозволи на Агенцијата за управување со одземен имот уште еднаш да ги понуди на продажба запленетите акции , овој пат само оние што ги поседува во Стопанска банка - Битола, односно Алта банка по ново.
Нема да се продаваат преку македонската берза, туку се објавени на оглас од вчера на веб страната на агенцијата.
„Со оваа одлука се дава согласност на Одлуката за продажба на акциите на Стопанска банка АД Битола во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот бр.02- 2223/14 од 14.5.2025 година, донесена од Управниот одбор на Агенцијата, на седницата, одржана на 14.5.2025 година“, гласи одлуката на Владата донесена на 11 декември.
Речиси целосниот износ на акции што ги поседува Агенцијата за управување со одземен имот во поранешна Стопанска банка - Битола се конфискувани од поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков во аферата „Империја“.
Станува збор за 7.108 обични акции од хартиите од вредност во Стопанска банка Битола, кои сочинуваат значајни 1,84 отсто во главнината на друштвото и чија номинална вредност беше 21.639.000 денари.
Инаку целокупно, на продажба како оглас на страната на Агенцијата за управување со одземен имот од вчера се понудени вкупно 7213 обични акции од банката со почетна продажна цена од 3.194 денари.
„Акциите ќе се продаваат на Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје по пат на јавна берзанска аукција според моделот “се или ништо„.
Со оглед на тоа што предмет на продажба се акции издадени од Алта Банка АД Битола (поранешна Стопанска Банка АД Битола), потребно е да се има предвид дека согласно Законот за Банки, доколку некој од купувачите се стекне со квалификувано учество мора претходно да има добиено согласност од НБРСМ.
Јавната берзанска аукција ќе се одржи на ден 05, 08, 09, 12 и 13 јануари 2026 година. Плаќањето се врши во готово во денари. Порамнувањето треба да се изврши во рок од 2 дена од денот на одржувањето на јавната берзанска аукција“, објавено е на огласот.
Последниот номинален износ регистриран од независниот ревизорски извештај за работењето на Агенцијата беше 3.000 денари по акција во таа банка. Претходно, на единствената аукција на која беа понудени сите запленети хартии од вредност на Мијалков и при тоа никој не ги купи, номиналната вредност беше 2.776 денари по акција.
Од октомври Алта банка од Србија е новиот сопственик на Стопанска банка Битола. Понудата ја прифатија 262 акционери. Тие продадоа вкупно 344.420 хартии од вредност, што претставува 88,09 отсто од акционерскиот капитал.
Банката од Белград понуди по 3.777 денари за акција издадена од Стопанска банка Битола. Потребно беше да се продадат најмалку 273.795 акции, односно 70,03 отсто од вкупно издадените 371.538 обични акции со право на глас.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата