logo
logo
logo

НЕМА КОМПРОМИС ЗА ВОЗЕЊЕ БЕЗ ДОЗВОЛА, Премиерот вели дека со „СЕЈФ СИТИ“ е воспоставен ред во сообраќајот

Vecer | 05.02.2026

НЕМА КОМПРОМИС ЗА ВОЗЕЊЕ БЕЗ ДОЗВОЛА, Премиерот вели дека со „СЕЈФ СИТИ“ е воспоставен ред во сообраќајот

Со воведувањето на системот „Безбеден град“ за контрола на сообраќајот, бројот на сообраќајни незгоди е преполовен, а од почетокот на неговата официјална примена на 1 февруари – нема ниту една жртва, изјави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во Дневникот на Македонската радио-телевизија.

Според него, оваа година ќе биде година на воведување ред во сите општествени сфери, вклучително и во сообраќајот. Мицкоски изрази уверување дека системот е одржлив и им се заблагодари на граѓаните што ги почитуваат сообраќајните правила и возат побезбедно.

Тој посочи дека бројот на прекршоци, особено во Скопје, е значително намален во споредба со минатото, дури и во периодите кога Министерството за внатрешни работи спроведувало засилени контроли.

– Фактите покажуваат дека со овој проект се вози многу повнимателно. Намален е бројот на сообраќајни прекршоци, а надежта е дека годинава дополнително ќе се намалат и сообраќајните незгоди, а со тоа и бројот на повредени и загинати. Тоа и беше клучната цел на проектот – рече Мицкоски.

Премиерот објасни дека додека во минатото, при организирани акции на МВР, се евидентирале околу 1.200 прекршоци дневно, сега таа бројка е под 500.

– Во обичен ден, без организирани акции, полицијата санкционира меѓу 300 и 500 прекршоци на територијата на Скопје. Со паметниот систем сме во тие рамки, но со клучна разлика, бројот на сообраќајни незгоди е преполовен и од 1 февруари досега нема жртви – нагласи премиерот.

Слична состојба, според него, е забележана и во другите градови и на коридорите опфатени со системот.

– Истото се случува и во Тетово и Куманово, каде дневно се регистрираат меѓу 20 и 30 прекршоци, како и на Коридорите 8 и 10, каде бројките се движат од 50 до 80 прекршоци. Генерално, на целата територија каде функционира системот, дневно имаме до 500 прекршоци – истакна Мицкоски.

Во однос на протестите и инцидентите поврзани со лица кои се противат на законската обврска за поседување возачка дозвола, премиерот беше дециден дека секое насилство и уништување на државен имот ќе биде санкционирано.

– Секој мирен протест е дозволен, но начинот на кој одредена група протестираше можеше да се сфати како закана по животите и слободата на граѓаните и полицијата. Дополнително, имаше и уништување на државен имот. За сето тоа ќе бидат поднесени соодветни пријави – нагласи тој.

Мицкоски порача дека демократското право на протест не смее да ја премине границата на насилство и беззаконие.

– Некои бараат да управуваат возила без легална возачка дозвола. Тоа не може. Ако протестот е мирен, државата ќе го обезбеди. Но, ако се помине границата, државата мора жестоко да реагира – рече премиерот, додавајќи дека побарал од МВР решителна реакција против сите кои го загрозуваат животот на цивилите и полицијата.

Тој заклучи дека Македонија, како правна држава и членка на НАТО, мора доследно да го почитува владеењето на правото.

– Ова е година на ред, ред во сообраќајот и ред во општеството. Законот е јасен: без важечка возачка дозвола нема управување со возило. Нема компромис – порача Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk