Просечната оценка на успехот од полагањето на двата екстерни испита од државната матура во јуни е 3,69.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска на прес-конференција ги соопштија резултатите од јунскиот испитен рок во кој пријавени за полагање биле 15.004 матуранти од сите видови образование (гимназиско, стручно, уметничко) и на сите наставни јазици. Околу 3 проценти не дошле на испитите.
Јаневска изрази задоволство што успехот е поголем од минатата година кога просечна оценка била 3,26 и бидејќи немало голем број препишувања. Како што рече, 172 се обиделе да препишат и да го надмудрат системот. Биле поднесени 507 приговори по сите предмети.
Просечната оценка која што ја постигнале учениците по предметот мајчин јазик била 3,68, по математика 4,14, по англиски јазик – 3,65, француски – 4,67, германски 4,42, филозофија 3,71…
Според директорката Михајловска, покачувањето на просечната оценка се должи на подобри резултати по неколку предмети.
– Во делот на мајчиниот јазик лани просечната оценка беше 3,37, а сега е 3,68, по англиски јазик беше 3,06 а сега е 3,65, француски јазик сега е 4,67 а лани 4,47. Посебно се подобрени резултатите по математика. Лани просечната оценка беше 3,73 а годинава е 4,14. Од 1.239 ученици кои ја полагале математиката 651 ученик добил петка. Значи, не е толку тешко да се полага математика – заклучи таа.
Според министерката Јаневска, подобрите оценки не се должеле на тоа што имало полесни испитни прашања, туку на тоа што учениците биле подобро подготвени.
Мајчин јазик и литература (македонски, албански, турски и српски), кој е задолжителен за сите матуранти, се полагаше на 31 мај, а вториот испит, кој е изборен за учениците, беше на 11 јуни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата