Додека сите се солидаризираат и испраќаат помош за семејствата на загинатите и повредените во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, се појавија и измамници кои сакаат на граѓаните кои донираат да им ги земат парите.
Воислав Дабевски кој живее во Осло, Норвешка открива еден таков случај.
Тој како што вели малку фалело да биде измамен откако понудил помош по трагедијата во Кочани.
Додава дека добил повик од дечко кој се претставил како Филип Мицевски, 20-годишен син на пејачката Сара Пројковска, која загина во пожарот.
ВНИМАВАЈТЕ луѓе, постојат нелуѓе! За малку ќе наседнев на измама за пари откако понудив помош по трагедијата во Кочани. Добив повик од дечко кој се претстави како Филип Мицевски, 20-годишен син на пејачката Сара Пројковска, која загина во пожарот. Тој ми раскажа дека неговата сестра, која била со Сара во клубот, сега лежи во болница во Скопје со тешки изгореници и дека во петок треба да ја префрлат во болница во Осло. Звучеше вознемирено, дури и плачеше – толку убедливо што почнав да го тешам. Потоа ми побара пари за маст за изгореници, и тогаш почнав да се сомневам. Ми испрати и слика од пасош, но веднаш забележав по годината на раѓање дека личноста на него е 30-годишен маж, а не 20-годишно момче.
Во меѓувреме, се распрашав по пријатели за да проверам дали приказната е вистинита – и, како што претпоставував, беше целосна измама. Затоа, бидете внимателни! Во светот има измамници кои ќе се обидат да ја искористат вашата добрина. Но, јас и понатаму верувам – добри луѓе постојат!
Дека истиот е измамник пишува и познатиот македонски маратонец Игор Јакимовски, офицер во АРМ, сега тренер.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата