По повод 21 декември – Денот на настава на турски јазик, денес во просториите на Министерството за односи меѓу заедниците се одржа пригодна свеченост, посветена на значењето на мајчиниот јазик и неговата улога во зачувувањето на културниот идентитет и повеќекултурните вредности во РС Македонија.
На настанот свое обраќање имаше потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, кој ја истакна важноста од континуираното негување и унапредување на наставата на мајчин јазик, како и од меѓусебната почит, соработка и поддршка меѓу заедниците.
„Нека овој ден биде потсетник дека преку јазикот ги пренесуваме вредностите, традицијата и културното наследство на идните генерации, градејќи општество засновано на разбирање, почит и пријателство. Честит 21 декември – Денот на настава на турски јазик“, порача вицепремиерот и министер Стоилковиќ.
Свеченоста беше збогатена и со пригодна културно-уметничка програма, изведена од ученици од ООУ „Санде Штерјоски“ од Кичево и ПУ „Драга Стојановска“ – с. Држилово кои преку песна, рецитации и музички точки го претставија богатството на турскиот јазик и култура.
Наставата на турски мајчин јазик во нашата држава има долга и значајна традиција, која датира од 1944 година, кога во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје се поставени првите темели на организирана настава на турски јазик.
По повод Денот на настава на турски јазик, како и претстојните новогодишни празници, Министерството за односи меѓу заедниците обезбеди пригодни подароци за децата учесници во програмата.
Честит 21 декември – Денот на настава на турски јазик!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата