Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган се сретна со премиерот на С. Македонија Христијан Мицкоски во претседателската резиденција Долмабахче, соопшти кабинетот на Ердоган.
На средбата потврдени се пријателските односи меѓу Македонија и Турција, со заложби за зголемување на економската соработка.

„Денес остварив билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која беше потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.
Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната.
Ја нагласив важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.
Претседателот Ердоган ја потврди поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
Во рамки на разговорите беа разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што беше нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
Изразивме уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува“, објави премиерот Мицкоски за средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата