logo
logo
logo

Русјаков

Воланд танцува и во Нордистан

Vecer | 13.06.2026

Воланд танцува и во Нордистан

Среде сите светски будалаштини што врескаат за безумноста на модерниве времиња и новата нормалност што се наметнува, пред очи ми прелета Киев, Украина. Го тргнале споменикот на Михаил Булгаков, оти симболизирал руски империјализам, ама генијот бил и против независност на Украина.

Не знам јас колку во сталинистички времиња било паметно да се пропагира сепаратизам низ СССР, можеби нешто слично како денес да застанеш среде Лавов и да бараш пријателство со Русија, ама ако Булгаков симболизира некаков руски империјализам затоа што се родил во царска Русија, тогаш што да кажеме за Киев? Прва престолнина на идната руска империја. Што не го збришат Киев и не направат нов, поубав и поукраински?

Може и Менделеев да го исфрлат од учебници. Што ќе им е еден таков руски елемент среде образование? Павловиот рефлекс, исто така, веднаш да го забранат. Ама добро, они си знаат, нивна работа, можеби ова е стратегиски потег што ќе им донесе корист во војната среде која изгубија половина население и една третина територија. Патем, звучи модерно, воукерски, како што Англичаните го исфрлија „Отело“ од образованието, а Швеѓаните ја преуредуваа „Пипи долгиот чорап“, оти делава да ти биле расистички. Воланд сигурно танцува од радост слушајќи што се случува низ планетава.

Битно човештвото се занимава со суштински проблеми. Гладот, на пример, среде најплодниот континент на планетата, проблем е само на гладните, додека во цивилизираниот западен свет се решаваат многу посуштествени проблеми.

Шведска предлага Канада да стане дел од Европската Унија. Не знам зошто да не влезе и Австралија кога и онака веќе пее на „Евровизија“.

Нетанјаху повторно ќе може да оди во Словенија, Јанша му ја укина забраната за влез. ЕУ-бирократите се нервозни затоа што мораат да возат електрични автомобили, па заглавуваат на половина пат за да полнат батерии. Зошто во мисијата на „Артемис 3“ нема жена во екипажот? САД ќе ѝ продава руски гас на Унијата, за моќната и крајно интелигентна ЕУ да не го купува од Русија, по што злобната руска мечка сигурно ќе биде фрлена на колена. Крајно време е АИ да го преземе светот, оти веројатно само кај неа останаа некакви траги на интелигенција.

И во Нордистан, Воланд танцува, оти и ние сме во тек со оваа светска матрица. Ние дури отидовме и чекор понапред. Станавме револуционери во научната езотерија. Први и единствени сме во светот што, откако од Македонија станавме Нордистан, новото име ни ги плаќа сметките. Конечно ја разбравме модерната и цивилизирана Европска Унија, која уште при нашето осамостојување, преку Лисабонската декларација, ни објасни дека не може да има држава со име Македонија.

Ниту пак е корисно да шетаме наоколу облечени во македонски идентитет, јазик и култура, кога тие трендови им припаѓаат на европски цивилизациски џинови и модни креатори на историјата како Грција и Бугарија.

Сега треба само уште да ги внесеме Бугарите во Устав, да ја усогласиме нашата историја со бугарската и конечно да признаеме дека како македонски идентитет постоиме од 1944 година, па конечно да ги отвориме пристапните преговори со Унијата, кои нестварно ќе нè збогатат, што автоматски значи дека корупцијата ќе се самоубие. Затоа власт, опозиција, медиуми, експерти, интелектуална бижутерија, од сабајле до вечер зборуваат само за ова.

Ај што постојано се труби како да не постои ништо друго за оправање, ама некако почна да се менува и начинот на изразување, па она што фактички беше злосторничко здружување за криминална и насилна промена на името преку потпишување антимакедонски договор во Нивици, по што властите ја поништија референдумската волја на народот и со „балкански методи“ (според кретенот Јоханес Хан), на уцени и закани, изгласаа антиуставна нордистанизација, сето ова сега се преименува во наша жртва што ние, демек, сме ја принеле за членство во Унијата, а за наци-срањето наречено втор протокол на преговарачката рамка со Бугарија, во кој сè што пишува е јасно и одвратно, полека почнува да се зборува како за можна погрешна интерпретација од наша страна, демек тоа што го читаме и од кое на нормален човек му се повраќа, ние глупите, неправилно го интерпретираме.

Искрено, јас немам проблем да си се правиме едни со други будали. Уште од денот кога Бугарите дочекаа Грција да си ја заврши работата преку нашите криминалци и квислинзи во политиката што го потпишаа Преспанскиот договор, па веднаш ја започнаа својата офанзива за да ја завршат македонската приказна укинувајќи ја сосема, јас внимателно го следам наративот кој веднаш се истопори на сцената велејќи ни дека она наци-срање од Нивици е можеби лошо, ама не задирало во нашите национални интереси, демек дозволено ни е да се нарекуваме Македонци, коса црта, граѓани на Нордистан, но ако сме попуштеле на бугарските барања, е тоа ќе биде крај, оти они сакале сосема да нè бугаризираат.

Прво, Преспанскиот договор не е лош, туку изопачено нацистички одвратен, бидејќи прифативме да ни биде пресечен коренот и одземен континуитетот.

За ова злосторство против човештвото, глас на улица кренаа 2.000-3.000 Македонци, кои од полициските „котиња од Руља“ беа здробени од мавање, додека преостанатите или им фаќаа сеир или лелекаа по социјални мрежи, ама не многу, оти „виде ли што им се случи на оние на 27 април?“

Е сега, дали нордистанецот измислен како нација од Заев и Ципрас, ќе стане Бугарин или гомно, според логиката на еден млад човек кој ми рече, „дај ми 5.000 евра плата и можеш гомно да ме нарекуваш“, знам дека е цинично, ама некако станува небитно. Демек се откажавме од… ај политички коректно, демек ги дадовме како жртва коренот и континуитетот, ама има да го зачуваме ова што е наше од среден век до денеска.

Извинете, можеби јас сум циник, намќор, песимист и дефетист, ама овој наратив ми изгледа морбидно глуп, но очигледно е прифатлив за мнозинството (80 проценти и натаму сакаат во ЕУ), на кои формата што нуди материјална удобност им е поприфатлива од вистината која носи и страдање. Ама баталете ме мене! Ова моево е само презир кон себе и сè што ме опкружува, откако во Нивици ни спакуваа погреб, кој ние, од страв или комфор, не го спречивме. Но, имам и пострашно за кажување.

Дури и Нордистан да се бугаризира прифаќајќи сè што Бугарите бараат, ЕУ ќе најде механизам како да нè држи подалеку од Унијата, затоа што никогаш не можат да бидат сигурни околу пирејот наречен македонштина, а тие, ако сте читале историја на Европа, преку империите на Австро-Унгарија, Британија, Русија, Франција и Германија, по секоја цена сакале и сакаат да го искоренат. Ама сепак има и светло на крајот од тунелот. Затоа молете се ЕУ да влезе во крвава и истребувачка војна со Русија. Тогаш веднаш ќе нè евроинтегрираат во првите борбени редови на источните фронтови и конечно ќе бидеме дел од Унијата.

Александар Русјаков (Нова Македонија)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk