logo
logo
logo

„СТАНБЕНИОТ ПАЗАР Е НАДУВАН БАЛОН, купувајте само готови објекти со употребна дозвола и впишани во Катастар“

Vecer | 23.01.2026

„СТАНБЕНИОТ ПАЗАР Е НАДУВАН БАЛОН, купувајте само готови објекти со употребна дозвола и впишани во Катастар“

Министерот за транспорт Александар Николоски во денешното гостување во поткастот на Радио Лидер изјави дека актуелните високи цени на становите претставуваат надуван балон и упати апел до граѓаните да бидат крајно внимателни при купување недвижности, особено кога станува збор за објекти што сè уште не се изградени.

Тој предупреди дека постои сериозен ризик дел од градежните проекти да останат незавршени доколку дојде до пукање на балонот во градежништвото, поради што купувањето станови „на хартија“ може да се покаже како опасна инвестиција.

– „Загрижен сум дека се создава еден балон во градежништвото и да ги замолам граѓаните да не купуваат станови без да можат да ги видат со голо око. Да не купуваат станови со таканаречена прибелешка во имотен лист, туку да купуваат станови во објекти кои што веќе имаат добиено употребна дозвола“, изјави Николоски.

Министерот истакна дека најсигурен начин за заштита е купување станови во објекти со завршена документација и впишани во Катастарот.

– „Затоа што ми е страв дека овој балон може да пукне и дека бројни објекти може да останат незавршени. Апелирам до граѓаните да внимаваат многу кога купуваат недвижности. Наједноставен совет е да бараат од инвеститорот употребна дозвола и да е впишан во ‘Катастар’“, додаде тој.

Николоски нагласи дека актуелните цени се нереално високи и не соодветствуваат со реалната куповна моќ.

– „Немам сретнато човек што купил стан по цена од 2.500 или 3.000 евра, а цените се тие, што повторно ме носи до грижата дека се работи за ‘балон’“, рече министерот.

Според него, државата има ограничен простор за интервенција, бидејќи високите цени се концентрирани во неколку урбани зони, додека во другите градови и населени места се бележи пад на цените на недвижностите.

Тој посочи и на дополнителен парадокс – иако цените на становите растат, трошоците за градежни материјали во овој период се во опаѓање, што дополнително ја засилува загриженоста дека станува збор за вештачки надуван пазар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk