logo
logo
logo

ОЈО бара притвор за три лица, отворена е истрага за загрозување на животната средина со диви депонии на Вардариште

Vecer | 03.09.2025

ОЈО бара притвор за три лица, отворена е истрага за загрозување на животната средина со диви депонии на Вардариште

Со координирани дејствија на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена и извршени претреси на локацијата Вардариште по наредба на судија на претходна постапка, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека три лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото.

-Осомничените, подолг временски период се до 02.09.2025 година, на ул.„Зендел Џемаил“ бб во Скопје, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.

Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад која согласно закон ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, соопштуваат од Обвинителството.

Согласно обезбедените докази, постои основано сомнение дека осомничените вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпад, создале диви депонии спротивно на прописите за заштита на животна средина, со што влијаеле на квалитетот на почвата и воздухот, но и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk