Амбасадата на Јапонија денеска организираше мастер-клас за јапонска кујна во Средното училиште „Лазар Танев“ во Скопје, наменет за младите и идни готвачи.
Како што сооштуваат од Амбасадата, идните готвачи и нивните наставници имаа можност да се запознаат со „вашоку“. Вашоку е традиционална јапонска прехранбена култура која се темели на хармонична рамнотежа помеѓу сезонските состојки, нутритивната вредност и визуелната естетика. Вашоку е впишан во листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Мастер-класот вклучуваше презентација на јапонски ножеви и алатки, демонстрација на неколку рецепти од страна на готвачката Нишикава, а учесниците имаа можност и сами да подготват и да вкусат еден од омилените секојдневни енергетски оброци во Јапонија – онигири (оризови топчиња), додаваат од Амбасадата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата