Mотото „Посилна Европа - Посилно НАТО“ според мене значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа која живее во мир и демократија базирана на принципи и вредности. Тоа е мојата порака, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова во кусата изјава за медиумите пред состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.
Предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да има обраќање на состанокот на Северноатлантскиот совет, на кој учествуваат шефовите на држави и влади на 32 земји членки на НАТО.
Во пресрет на самитот на НАТО, Сиљановска Давкова синоќа присуствуваше на приемот организиран од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
- Во духот на сојузништвото и меѓусебната почит, со шефовите на држави и влади разменивме мислења за натамошното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура, јакнењето на колективната одбрана и зацврстувањето на трансатлантското единство. Убедена сум дека со политичка мудрост, заемна доверба и цврста посветеност можеме да креираме решенија во служба на мирот, стабилноста и безбедноста, објави претседателката на Фејсбук.
Сиљановска-Давкова на самитот ја предводи македонската делегација во чиј состав се министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и генерал-мајор Сашко Лафчиски, началник на генералштабот на Армијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата