logo
logo
logo

КАМАТА ПОНИСКА ОД 3,5% ЗА БРИТАНСКИОТ ЗАЕМ, идната недела почнува ЛОВОТ НА ФИНАНСИИ ЗА ДОГОВОРОТ

Vecer | 03.06.2025

КАМАТА ПОНИСКА ОД 3,5% ЗА БРИТАНСКИОТ ЗАЕМ, идната недела почнува ЛОВОТ НА ФИНАНСИИ ЗА ДОГОВОРОТ

Македонија дефинитивно ќе добие рок на отплата над 15 години за британскиот заем во врска со Договорот со Велика Британија, истакна вицепремиерот Александар Николоски во гостување на „Топ Тема“ на Телма.

Николоски вели дека таквиот грејс период е многу поатрактивен од она што како услов го има Србија.

– Србија сега гради автопат Белград-Сараево со каматна стапка 3,5%. Ние ќе имаме доста пониска – истакна вицепремиерот и министер за транспорт најавувајќи дека следната недела ќе отпочне процесот на изнаоѓање финансии за проектите од Договорот.

– Во Штип ќе се заврши изградбата на Клиничката болница, ќе се гради нов Медицински факултет и студентски дом. На овие проекти додаваме целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово, како и изградба на целосно нова болница во Кичево, заедно со целосно нов Здравствен дом. За сите проекти се добива сума од некаде 190 милиони евра, за сите заедно – додава вицепремиерот истакнувајќи дека целиот процес на набавки ќе биде транспарентен.

Деталите за процесот за јавните набавки

- Веќе наредниот вторник ќе имаме формирано Координативно тело за реализација на Договорот со Велика Британија. Министерството за финансии ќе започне процес за обезбедување на финансии и уверуваме дека ќе ја избереме најповолната опција  за финансирање на проектите, посочува Николоски.

Тој уверува дека целиот процес на финансирање ќе биде транспарентен и дека ќе се одвива по Законот за јавни набавки.

– Очекувам до вторник да сме подготвени со првиот иницијален проект, а тоа е брзата пруга од Табановце до Гевгелија. Владата треба да го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансирање за проектот. Следниот чекор би било Министерството за финансии низ еден транспарентен и конкурентен дијалог да испрати барање за финансирање до сите релевантни меѓународни финансиски институции и тие да се натреваруваат меѓу себе која ќе понуди најдобри услови за финансирање. Ние мислиме дека тоа ќе е Велика Британија, но дај боже да се пријави некој што ќе понуди поинакви услови и поевтино финансирање. На пример ако Велика Британија понуди дека може да финансира 95 % од сумата по одредена камата, а се појави друга држава која може да финанисра 100 % од сумата по пониска камата, секако ќе ја избереме другата варијанта – вели вицепремиерот Николоски.

Понатаму во постапката, како што потенцираше вицепремиерот, ќе се избира Изведувач по Законот за јавни набавки.

– Tеоретски ако тоа би била Велика Британија, после тоа се одбира Велика Британија како финансиер на проектот и влегуваме во реализација на проектот со избор на Изведувач и тоа преку нашиот Закон за јавни набавки што јасно ја утврдува процедурата како се избира Изведувач за вакви големи проекти. Тоа не е договор во четири очи, но не е ни класичен тендер каде може било кој да се јави, мора да се постават јасни критуриуми кој може да учествува бидејќи проектот мора да биде завршен и мораме да бидеме сериозни да не ни се случи Охрид – Кичево или слично. Но наједноставно за јавноста, тоа би бил конкурентен дијалог со компании кои ги исполнуваат условите, а ќе поставиме соодветни критеритуми.

Турција и Србија имаат класични комерцијални договори со Велика Британија, ние имаме политички

Споредувајќи ги договорите на Велика Британија со Турција и со Србија, тој потенцираше дека тие се класични комерцијални договори кои ги следи финансирање со градба, додека во нашиот случај имаме политички договор, прв ваков договор потпишан во регионот и со кој ќе ни се понудат најповолни услови за финансирање.

– До 20 проценти ќе работат компании од Велика Британија, до 30 проценти ќе се вградуваат компоненти исто од Велика Британија. Работниците не се ограничени, може сите работници кои ќе работат на проектите да бидат од Македонија, за разлика од договорот со Синохидро за изградба на автопатот Кичево-Охрид каде стои дека најмалку 51 процент од работата да ја изведува кинеската компанија и работници да се донесени од Кина – објасни Николоски.

Вицепремиерот рече и дека во делот на работници воопшто нема никакви ограничувања, може сите работници да се од Македонија.

– Она што ќе се вградува, до 30 проценти да е произведено во Велика Британија. Имајќи предвид дека ако зборуваме за пругата, модерните пруги користат софистицирани системи за сигналзиација, тоа се системи кои возовите ги носат на автопилот, самите управуваат со воз итн. За жал тоа се системи кои ние не ги произведуваме и веројатно тоа ќе е британската компоненета која ние ја немаме – истакна вицепремиерот Николоски.

Во однос на премијата за заемот, тој потенцираше дека овој процес ќе биде транспарентен за сите граѓани, односно дека од финансиските институциии ќе се бара трошокот за заемот да биде единствен без скриени и без дополнителни ставки.

– Нашето барање за финансирање е да добиеме финансирање со единствен трошок. Да поедноставам, кога земаме кредит таму вели ЕУРИБОР плус 1 ама после тоа имате уште пет шест ставки со ситни букви банкарски напишани итн. Нашето барање ќе биде да имаме единствена цена на чинење и ќе ја избегнеме премијата на начин што тоа ќе биде обврска на финансиската институција која што ќе понуди финансирање и таа да си го вкалкулира во сопственото финансирање. Односно, доколку повлечеме средства од 2 милијарди и доколку ние добиеме камата од 10 %, знаеме дека 10 % ни е каматата и нема да имаме плус, односно кога ќе го правиме годишниот план ќе знаеме колку треба да враќаме без таа ставка за ова, она итн. Велиме дајте да бидеме транспаретни пред луѓето и да дадеме целосен трошок, а дали банката ќе ги плаќа провизиите, ќе ги добие како донација или сл, нас не не интересира. Дајте точна каматна стапка. Уверуваме дека ќе имаме најдолга рочност за враќање, најголем грејс период и најдобра камата – истакна вицепремиерот Николоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk