Тешка сообраќајна несреќа се случи рано утринава на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ во населбата Аеродром, во која три лица се здобија со повреди. Несреќата била пријавена во полицијата околу 05:10 часот, кога патничко возило марка „мини купер“ со скопски регистарски ознаки изгубило контрола и излетало од коловозот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, возилото го управувал 23-годишниот Д.М. од Скопје. Автомобилот прво удрил во метална канделабра, а потоа и во дрво покрај патот. Во силниот удар со повреди се здобиле возачот и двајца сопатници – Л.С. на возраст од 25 години и Т.Г. на возраст од 21 година, сите жители на Скопје.
Повредените веднаш биле пренесени во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде лекарите им ги констатирале телесните повреди. Увидна екипа од СВР Скопје изврши преглед на местото на настанот за да ги утврди причините за излетувањето на возилото.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата