logo
logo
logo

Како Алиса во земјата на чудата: НИ НА ВЕНКО НЕ МУ Е ЈАСНО ШТО ПРАВИ ФИЛИПЧЕ

Vecer | 18.04.2026

Како Алиса во земјата на чудата: НИ НА ВЕНКО НЕ МУ Е ЈАСНО ШТО ПРАВИ ФИЛИПЧЕ

Чекаме Венко Филипче и СДСМ да расчистат со политичките случувања во другите држави, за да се вратат во реалноста и да почнат да бидат опозиција во Македонија, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ и Филипче стануваат сè поарогантни, а делуваат целосно отуѓени од реалноста. Не се соочуваат никако со сопствените слабости, и покрај реакциите од јавноста дека Филипче ја води партијата во бездна, и покрај тоа што нивни, сега поранешни, членови и функционери јавно се огласуваат за истото. Најново, по изборите во Унгарија, каде победи партијата Тиса, која инаку е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДСМ, очајнички бараат некоја утеха занимавајќи се со избори во друга држава и туѓи политички приказни“, се вели во  соопштението.

Филипче на пример, се додава, се однесува како тој лично да има удел во победата на таа партија, а од друга страна, сестринската партија на СДСМ на истите тие избори доживеа дебакл.

„За тоа досега нема коментар. За каква било насока за СДС нема коментар. Ама има коментар за сè останато. Филипче имаше коментар за стратешкиот договор со Велика Британија, дека наводно договорот бил договор за носење мигранти во земјава. Откако беа демантирани од сите релевантни институции, па дури и од британскиот амбасадор во земјава, остана без коментар. Владата преку тој договор ја постави Македонија рамо до рамо со големите светски сили. Ама јасно е дека на Филипче не му е дојдено до интересите на Македонија“, поренцира ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа Филипче имаше коментар за тарифите од страна на САД, па кога Владата потпиша Заедничка изјава со САД и се намалија тарифите, немаше коментар, се додава во соопштението.

„Во контекст на постмониторингот со Советот на Европа, ВМРО-ДПМНЕ за помалку од две години власт го заврши истиот. 7 години не им беа доволни на СДСМ да го завршат, а сега велат тие го направиле тоа“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

На никој не му е јасно што прави Филипче, додава партијата.

„На Филипче не му е јасно што прави Филипче. Освен тоа што ги продолжува антидржавните политики, кои инаку се печеа на времето на владеењето на Зоран Заев. А факт е дека тој настапува со некој победнички тон, додека СДСМ пропаѓа континуирано. Никој освен Филипче не води црна кампања против СДСМ, Се скараа со сопартијци, оттурнаа поранешни функционери, влегоа во конфликт со медиуми, со новинари, а сега веќе отворено иницираат кавги со други држави и нивни претставници во земјава“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Можат да се обидуваат да спинуваат, но бројките не можат да ги сменат, додава партијата.

„СДСМ се сведе на 130.000 гласови по локалните избори минатата година, а ќе се сведе на уште помалку на следните избори, според тоа како Филипче ја води партијата. Најзагрижувачко е што ни ова не го вознемирува Филипче“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Преку пи-арот на Зоран Башановиќ, додава ВМРО-ДПМНЕ, истата матрица продолжува – се занимаваат со лаги и конструкции, постојано некој води црна кампања против нив и тие постојано се жртва.

„Никој освен Филипче не води црна кампања против СДСМ, и да, точно е дека Филипче и СДСМ се однесуваат како Алиса во земјата на чудата. Шират паника за работи кои не постојат, како тоа за мигрантите, и постојано се во контрадикција со реалноста. Не им е јасно во која земја се опозиција, не им е јасно каде стојат со сестринските партии, не им е јасно кого поддржуваат, не им е јасно што се случува и не се во координација едни со други внатре. СДСМ и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со партијата, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk