На почетокот на XVIII Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржува во Спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што истакна дека стабилноста и развојот на Македонија се можни само со доверба во институциите кои ќе функционираат на основа на владеење на правото со дел на дигитализација.
-Интеграција на дигитални процеси, автоматизација и енергетска транзиција претставуваат стратешка приоритетна насока. Зелената економија не е идеолошки проект, туку државна потреба. Македонија мора да инвестира во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти за да ја намали зависноста и да создаде нова економска динамика, кажа Мицкоски и додаде:
-Стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, а довербата се гради само преку независни институции, владеење на правото и системи што создаваат правичност, а не зависност. Без доверба во институциите – нема држава. Правната држава не е збир од закони, туку нивна доследна примена. Македонија мора да ја премине границата од формална кон функционална демократија, нагласи Мицкоски.
Мицкоски во својот говор кажа и дека вештачката интелигенција е новото гравитациско поле на глобалната моќ а Македонија мора да престане да биде пасивен консумент на туѓа технологија и да стане активен учесник во новата интелигентна економија.
-Вештачката интелигенција е новото гравитациско поле на глобалната моќ. Земјите што инвестираат во AI обезбедуваат економска, безбедносна, институционална и технолошка предност. Земјите што ја игнорираат остануваат зависни од туѓи системи, туѓи технологии и туѓи интереси. Македонија мора да престане да биде пасивен консумент на туѓа технологија и да стане активен учесник во новата интелигентна економија, заклучи Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата