Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Струга порача дека извршната власт успешно се справува со енергетските предизвици, обезбедувајќи целосна стабилност на државата и покрај историски најсилниот бран на криза. Тој нагласи дека состојбата со горивата се следи на дневна основа, а навремените владини политики спречуваат ценовни шокови за граѓаните.
Мицкоски додаде дека енергетскиот систем е обезбеден со доволни резерви, снабдувањето тече непречено и оти нема потреба од никакви ограничувања. Според него, клучот за ваквата стабилност е во активните мерки и директните субвенции што државата ги спроведува секојдневно.
Говорејќи за конкретните механизми преку кои се штити стандардот, премиерот изјави:
„Во текот на вчерашниот ден забележано е намалување на цената на нафтата и нафтените деривати на светските берзи за отприлика 20-ина долари по барел, таа цена се движи тука некаде и денеска, помеѓу 95 и 97 долари за барел. Тоа е многу повисoко од цената која беше пред кризата, коja варираше меѓу 65 и 70 долари, во еден период беше и од 60 долари, но не е 120 колку што беше. И американските производи ВТИ и Брент. Така што, на дневна основа субвенционираме преку намалената стапка на ДДВ од 18 на 10 проценти, а согласно со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика имаме намалување на акцизите од 4 денари по литар за дизелот и два денара по литар за безоловните горива“, рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата